Ekrem Biçeroğlu
13 Јуни 2021•Ажурирај: 14 Јуни 2021
РАМАЛА
Израелската Армија приведе 3 деца кои играле топка во градот Бејтујахим (Витлеем) на југот на окупираниот Западен Брег, известува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, силите што се дел од израелската Армија извршиле рација во бегалскиот камп „Аиде“ во градот Бејтујахим. Израелските војници приведоа 3 палестински деца кои на ливадата играле фудбал.
Во вестите што ги објави палестинската официјална информативна агенција ВАФА (WAFA), се наведува дека имињата на притворените деца се Махмуд Бурака (14), Ахмед Зекерија Бурака (15) и Абдулах Ебу Сурур (14).
Од друга страна, објавена е информацијата дека израелската полиција привела 3 момчиња во окупираниот Источен Ерусалим. Очевидците, кои изјавија дека приведените момчиња биле на 20-годишна возраст, велат дека израелските војници со оружје им се заканувале на момчињата.
Израелската полиција при рација во населбата во регионот Тур, каде што живеат приведените момчиња, употребила звучна бомба. Израелските власти сè уште немаат дадено какво било соопштение во врска со приведувањата.
Според извештаите подготвени од Палестинскиот комитет на затвореници и Палестинското здружение на затвореници, поврзани со Палестинската ослободителна организација (ПЛО), во 2020 година израелските сили привеле 4.634 Палестинци во окупираниот Западен Брег, Источен Ерусалим и во блокираниот Појас Газа.
Во извештајот го привлекува вниманието фактот дека 543 од уапсените се деца, а 128 од нив се жени. Во извештајот се истакнува дека израелските сили ги прошириле своите произволни притворања на жени и деца во 2020 година, употребувајќи различни методи за измачување врз Палестинците за време на притворот.