Said Amori,Esat Fırat
19 Август 2024•Ажурирај: 21 Август 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелската Влада ѝ нареди на израелската армија, која води војна во Појасот Газа, да го интензивира насилството во областа, пренесува Анадолу.
Според израелскиот „Вала њуз“, Кабинетот за политика и безбедност на израелската Влада ѝ наредил на армијата да го зголеми интензитетот на војната во Појасот Газа за да ја зајакне својата позиција во преговорите за прекин на огнот.
Иако израелските власти сè уште не издадоа официјално соопштение за ова прашање, нападите на израелската армија, особено во јужниот дел на Појасот Газа, се интензивираа последниве денови, предизвикувајќи огромни разурнувања, како и смрт и ранување на стотици Палестинци.
Преговорите за прекин на огнот во катарската престолнина Доха завршија во петокот со претставување на „предлог што го намалува јазот“ меѓу Израел и Хамас што е во согласност со принципите што ги постави американскиот претседател Џо Бајден на 31 мај.
Бајден во мај рече дека Израел претставил трифазен договор со кој ќе се стави крај на непријателствата во Газа и ќе се обезбеди ослободување на заложниците што се држат во крајбрежната енклава. Во планот е вклучено прекин на огнот, размена на заложници и затвореници и реконструкција на Газа.
Со месеци САД, Катар и Египет се обидуваат да се постигне договор меѓу Израел и Хамас за да се обезбеди размена на затвореници и прекин на огнот и да се овозможи хуманитарната помош да влезе во Газа.
Но напорите за посредување се заглавени поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Убиени се речиси 40.100 Палестинци, главно жени и деца.
По повеќе од десет месеци од почетокот на израелската војна големи делови од Појасот Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во последна пресуда му наложи на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде извршен напад на градот на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.