Ahmed Asmar
10 Јули 2024•Ажурирај: 11 Јули 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската официјална делегација денес пристигна во Катар на преговори за прекин на огнот и размена на заробеници во Газа, јавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Израелскиот дневен весник „Хаарец“ објави дека делегацијата ја предводел шефот на израелскиот Мосад, Дејвид Барне, на четиристраната средба во Доха на која учествуваат претставници на Катар, Египет и Соединетите Американски Држави (САД).
„Барне е придружуван од Ронен Бар, шеф на израелската служба за внатрешна безбедност Шин Бет, и Ницан Алон, кој ги надгледува досиејата на заложниците во израелската армија“, пишува „Хаарец“.
Израелската делегација ќе се состане со катарскиот премиер Шеик Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани, директорот на ЦИА Вилијам Барнс и шефот на египетското разузнавање Абас Камел.
„Средбата се смета за клучна бидејќи може да открие дали е можно да се постигне договор меѓу Израел и палестинската група Хамас во наредните денови“, додава Хаарец.
Индиректните преговори продолжија оваа недела и во Каиро и во Доха бидејќи во двата главни града беа пратени израелски делегации, покрај присуството на директорот на ЦИА.
САД, Катар и Египет посредуваа во повеќемесечните преговори за договорот меѓу Израел и Хамас за размена на затвореници и прекин на огнот, но досега нема резултати.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 38.200 Палестинци, главно жени и деца.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.