Ali Semerci
02 Декември 2023•Ажурирај: 03 Декември 2023
ГАЗА (АА) - Израелски борбени авиони и воени бродови изведоа напад на Хан Јунис на југот од Појасот Газа и на градот Деир ал-Балах во централниот дел на палестинската енклава, пренесува Анадолу.
Како што објави палестинската новинска агенција ВАФА, израелски авиони извеле жесток напад на Хан Јунис.
Во нападот се убиени и ранети на десетици луѓе, вклучувајќи деца и жени.
Точниот број на убиени и ранети сѐ уште не е соопштен.
И израелските воени бродови исто така отвориле оган врз крајбрежните подрачја на Деир ал-Балах во централните делови на Појасот Газа.
Израелската војска на 1-ви декември (петок) продолжи со интензивни напади низ Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза. Според податоците на Министерството за здравство на Газа, истиот ден се убиени 178 Палестинци, а 589 се ранети.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.