Ahmed Asmar
08 Јуни 2024•Ажурирај: 09 Јуни 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Висок израелски претставник препорача Владата да ја класифицира Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) како „терористичка организација“, пренесува Анадолу.
Израелскиот јавен сервис КАН соопшти дека Гилад Ердан, претставник на Израел во ОН, рече дека препораката е одговор на потегот на ОН да го стави Израел на црната листа како ентитет што ги крши правата на децата во конфликтните зони.
КАН истакна дека Израел разгледува дополнителни мерки за да одговори на ОН, меѓу кои и прекинување на врските со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Ердан, исто така, предложи Владата да не им издава визи на претставниците на ОН и на шефовите на агенциите на ОН, и да ги спречи да работат на Западниот Брег.
Ердан претходно истакна дека Гутереш ја додал израелската армија на светската листа на престапници кои ги прекршиле правата на децата, со што е првпат Израел да биде додаден на листата позната и како „Листа на срамот“, и покрај повиците на групите за заштита на правата Израел да биде ставен уште пред неколку години.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Оттогаш, во израелските напади во Газа загинати се над 36.700 Палестинци, повеќето жени и деца, а над 83.500 се повредени, според локалните здравствени власти.
Осум месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде постои и блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во јужниот град Рафа, каде што засолниште од војната побараа повеќе од 1 милион Палестинци.