Enes Canlı
18 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, денес изјави дека започнала нова фаза од војната во Појасот Газа.
„Ние сме на почеток на нова фаза во војната, потребни се храброст, одлучност и истрајност“, им рече Галант на војниците во северниот град Хаифа.
„Центарот на гравитација се пренесува на север со пренасочување на ресурсите и силите“, рече израелскиот министер.
Галант не се осврна на експлозиите на електронски уреди во Либан, но ја пофали работата на војската и безбедносните агенции и рече дека „резултатите се многу импресивни“.
Тој истакна дека целта на офанзивата на северот била да се осигури дека граѓаните што биле евакуирани може безбедно да се вратат, додавајќи дека Владата не заборавила на израелските заробеници во Газа.
Во изминатите 24 часа низ Либан, по експлозиите на пејџери, слични експлозии се случија и денес на воки-токи уреди.
Додека либанските власти сметаат дека Израел е одговорен за експлозиите, од Израел нема коментар за експлозиите на пејџери, а Хезболах вети дека ќе му возврати на Израел.
Експлозиите на пејџерите се случија во време на зголемени погранични ескалации меѓу Израел и Хезболах, кои разменуваат прекуграничен оган од почетокот на смртоносната војна на Тел Авив во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година загинаа речиси 41.300 луѓе, главно жени и деца.