Ahmed Asmar
26 Декември 2024•Ажурирај: 26 Декември 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот министер за национална безбедност од крајната десница, Итамар Бен-Гвир, денес насилно влезе во комплексот на џамијата Ал-Акса во окупираниот Источен Ерусалим, предизвикувајќи нова провокација среде тековната војна во Газа, јавува Анадолу.
Бен-Гвир влезе на локацијата под силна полициска заштита и направи обиколка на дворот на џамијата, изјави официјален претставник на Одделот за исламски вакаф во Ерусалим, управуван од Јордан.
Ова е петта посета на министерот на комплексот Ал Акса откако ѝ се приклучи на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во 2022 година.
Тоа се совпаѓа со еднонеделниот еврејски празник Ханука, кој започна денес.
Националната демократска алијанса, израелска арапска партија, го осуди насилното влегување на Бен-Гвир во комплексот Ал Акса како „намерна провокација за чувствата на Арапите и муслиманите низ целиот свет“.
Партијата ги повика Палестинците да ги интензивираат присуството и посетите на џамијата.
Од 2003 година Израел дозволуваше нелегалните еврејски доселеници да влегуваат во комплексот речиси секојдневно, со исклучок на петок и сабота.
За муслиманите џамијата Ал Акса е трето најсвето место во светот. Оваа област Евреите ја нарекуваат Планина на храмот, велејќи дека тоа било место на два еврејски храма во минатото.
Израел го окупираше Источен Ерусалим, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на арапско-израелската војна во 1967 година.
Во 1980 година го анектираше целиот град во потег што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.