Ekip
20 Ноември 2022•Ажурирај: 23 Ноември 2022
Ел КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер во заминување Јаир Лапид ги осуди нападите на израелските доселеници врз Палестинците во градот Хеброн на Западниот Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Десетици Палестинци се повредени во саботата додека илјадници израелски доселеници во придружба на израелскиот екстремистички лидер Итамар Бен-Гвир се собраа во Стариот град да го прослават еврејскиот празник Шабат.
Израелските медиуми објавија дека доселениците ги нападнале израелските војници за време на прославата на празникот.
Лапид ги нарече овие напади „национален срам“, ветувајќи дека ќе ги изведе пред лицето на правдата сторителите на нападот врз припадниците на израелската војска.
Бени Банц, министер за одбрана во заминување, исто така остро ги осуди „екстремистичките напади“ на израелските доселеници врз „безбедносните сили и палестинското население“ во Хеброн, додавајќи дека израелските сили ќе продолжат да го „одржуваат јавниот ред“.
Минатата недела, израелскиот претседател Исак Херцог во аудиоснимка што протече во јавноста изјави дека „целиот свет е загрижен“ поради крајно десничарските ставови на Бен-Гвир, за кој се очекува дека ќе биде министер во идната влада.
Бен-Гвир има крајно десничарски ставови за Палестинците. Тој повикуваше на раселување на Палестинците. Предизвика и бран на ескалации во окупираниот Ел-Кудс (Ерусалим) откако отвори канцеларија во квартот Шеик Џарах.
Бен-Гвир повеќепати им се приклучуваше на израелските доселеници во нападите врз комплексот на џамијата Ал-Акса во окупираниот источен Ел-Кудс (Ерусалим).
Израелските медиуми претходно објавија дека мандатарот за состав на новата израелска влада, Бенјамин Нетанјаху, постигнал договор со партијата на Бен-Гвир за зголемување на бројот на еврејски доселеници на окупираниот Западен Брег.
Во Хеброн живеат околу 160.000 палестински муслимани и околу 500 еврејски доселеници. Доселениците живеат во низа енклави изградени само за Евреи кои строго ги чуваат израелските сили.