Ekipa
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
РАМАЛА (АА) - Според една палестинска невладина организација, израелскиот суд денес осудил 16-годишна Палестинка на 13 и пол години затвор бидејќи наводно минатата година се обидела да избоде Израелец, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Здружението на палестински затвореници, окружниот суд во Ерусалим ја осудил 16-годишната Нурхан Авад на 13 и пол години затвор, и парична казна од речиси 8.000 долари – за наводен напад со нож во Ерусалим, во ноември минатата година.
„Нурхан беше застрелана со огнено оружје и уапсена (на местото на наводниот напад)“, се вели во соопштението од невладината организација, „додека нејзиниот роднина Хадил Авад бил убиен од страна на полицијата на местото на настанот“.
Според официјални палестински извори, повеќе од 7.000 Палестинци, вклучувајќи 350 малолетници, моментално се наоѓаат во затворите во Израел.
Во соопштението на Здружението на палестинските затвореници се додава дека двајца палестински затвореници, Ахмад Абу Фара (29) и Анас Шадид (19), веќе 60. ден штрајкуваат со глад во знак на протест поради нивното „административно притворање“ во израелските затвори.
Во соопштението на здружението се додава дека здравствената состојба на затворениците забрзано се влошува, и дека се под надзор во медицинскиот центар „Асаф ха-Рофе“, во близина на Тел Авив.
„Двајцата штрајкувачи со глад одбија да бидат подложени на медицински преглед и да примаат витамини. Изгубија многу тежина и страдаат од главоболка, болка во градите и бавни отчукувања на срцето“, истакнаа од невладината организација.
Според израелските закони, „административниот притвор“ подразбира дека затворениците можат да бидат задржани во период од една година без обвинение или судење.
Според палестинските податоци, од 7.000 Палестинци кои моментално се наоѓаат во израелските затвори, околу 700 се во административен притвор.