Mohammad Sıo
16 Јануари 2024•Ажурирај: 17 Јануари 2024
РАМАЛА (АА) - Израелската Армија денес привела уште 50 Палестинци за време на упадите во неколку градови на окупираниот Западен Брег, соопштија организациите за прашањата на затворениците, пренесува Анадолу.
Со последните приведувања од страна на израелските војници, кои исто така тепале луѓе, злоупотребувале семејства и оштетиле имот, бројот на Палестинците кои Израел ги притворил на Западниот Брег од 7 октомври се искачи на 5.950, се наведува во заедничкото соопштение на Комисијата за прашања на затворениците и Здружението на палестински затвореници.
„Приведувањата се обележани со малтретирање, тешки тепања и закани кон затворениците и нивните семејства, како и со широко распространети акти на саботажа и уништување на домовите на граѓаните“, се вели во соопштението.
Приведувањата се извршени за време на израелските упади во градовите Хеброн, Рамала, Ерихон, Џенин, Калкилија и Наблус.
Бројката не ги вклучува Палестинците приведени во Газа, чиј број не го прецизираат израелските власти, се додава.
Тензиите се високи низ Западниот Брег поради речиси секојдневните израелски напади во палестинските градови додека Тел Авив ја продолжува својата смртоносна офанзива на Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 24.000 луѓе.
Според Обединетите нации, 85 отсто од населението на Газа е веќе внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.