ГАЗА (АА) - НУР ЕБУ ИЈШЕ -
Израел во своите напади врз Појасот Газа ги погоди книжарниците и издавачките куќи, предизвикувајќи уништување на илјадници книги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нападите на Израел врз опколениот Појас Газа, што започнаа на 10 мај, завршија во 2:00 часот по локално време на 21 мај, во согласност со примирјето постигнато со Хамас.
Во нападите на израелската Армија животот го загубија 248 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени. Поради нападите, во Појасот Газа уништени се 1.800 станбени објекти, а делумно се оштетени 6.800 станбени објекти.
Во нападите исто така уништени се книжарници, издавачки куќи, културни центри и згради во кои се држат курсеви, а уништени се и илјадници книги.
Сопствениците на книжарниците што се уништени во израелските напади наведуваат дека ќе ја започнат својата деловна активност од нула.
Апартманот „Кихил“, во кој се сместени разни библиотеки, книжарници, културни центри и издавачки куќи, што се наоѓа во областа Римал во Газа, исто така беше меѓу објектите што беа нападнати од израелските воени авиони.
Книжарницата „Семир Мансур“, една од најголемите продавници за книги и издавачки куќи во Газа, исто така беше уништена во нападот врз оваа зграда.
Сопственикот на книжарницата, Семир Мансур, во изјавата за Агенција Анадолија (AA) рече: „Израел напаѓа библиотеки, издавачки куќи, книжарници и културни центри со цел да спречи Палестинците да се образуваат. Исто така сака да ја заборават својата култура.“
Наведувајќи дека во урнатиот објект има повеќе од 100.000 книги, вклучувајќи книги со раскази за деца, академски, научни, книги од областа на културата и книги преведени на различни јазици, Мансур истакна дека издавачката куќа објавила стотици книги од палестински автори од земјата и од странство.
Истакнувајќи дека загубата од нападите е повеќе од 700.000 долари, Мансур рече дека 15 лица што работеле во книжарницата останале без работа.
Мансур, кој го работи ова повеќе од 20 години, рече дека и покрај тоа што му се случило, ќе започне од нула и ќе продолжи со својата професија.
- „Израел непријатно се чувствува од тоа Палестинците да учат хебрејски“
Ахмед ел-Фелијт, основач на Центарот за образование, јазик и преводи „Нефха“, што беше уништен од израелските напади, рече: „Израел се обидува да ги спречи Палестинците да се образуваат.“
Посочувајќи дека ваквите образовни и културни центри служат за едукација и самоусовршување на стотици ученици, Фелијт рече дека во Центарот се организираат разни курсеви за јазици, како што се хебрејски, турски, германски, француски и кинески.
„На Израел му е непријатно што Палестинците учат хебрејски“, нагласи Фелијт, додавајќи дека познавањето на јазикот на непријателот е првиот чекор за да се знае како да се бори со него во областа на образованието, науката, културата и на военото поле.
Наведувајќи дека учењето хебрејски ја зголемува способноста на Палестинците, а тоа пак, го вознемирува Израел, Фелијт рече: „Тие се обидуваат да го спречат тоа што го правиме ние. Науката е првиот чекор во борбата против секој проблем.“
Фелијт, истакнувајќи дека тие ќе продолжат со образованието, науката и напредокот и покрај уништувањето на Центарот, рече: „Нема да можат да ја скршат нашата волја.“
- „Израел го уништи целиот наш труд“
Рамазан ен-Нуџејли, сопственик на книжарницата „Визјон“, уништена за време на нападите на Израел, изјави дека покрај продажбата на книги организирале и различни работилници.
Исто така, рече дека со години работел напорно за развој на книжарницата и печатницата и нагласи дека дури и основните потреби на неговото семејство ги ставил во втор план.
Нуџејли, посочувајќи дека книжарницата и печатницата со текот на годините се развивале постепено, додаде: „Но, Израел ги уништи сите наши напори. Се вративме на почетокот.“
Тој изјави дека отишол во зградата за да ги земе книгите што не се оштетени и рече дека покрај канцеларијата го изгубил и станот што се наоѓал во истата зграда.
Во областа Римал исто така уништена е и книжарницата „Нахда“, што е отворена во 1950 година. На фејсбук-профилот на книжарницата се наведува дека книжарницата што е уништена во израелските напади наскоро ќе почне со работа.
news_share_descriptionsubscription_contact


