Emre Aytekin,Gamze Türkoğlu Oğuz
20 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
ЊУ ДЕЛХИ (AA) – ЧИНА КАПУР/ЕМРЕ АЈТЕКИН/ГАМЗЕ ТУРКОГЛУ -
Двокатната жолта куќа во старите населби на индиската престолнина Њу Делхи, потсетува на поддршката на индискиот потконтинент на Турската војна за независност, пишува Агенција Анадолија (АА).
Пред точно 100 години, хинду и муслимански лидери на Индија се собраа во оваа куќа и решија 19 март во целиот индиски потконтинент да се нарекува „Ден на калифатот“, со цел да се протестира за окупацијата на Истанбул од страна на Здружените земји.
Муслиманите што живеат во британската колонија Индија (денешен Пакистан, Индија и Бангладеш), со поддршка на Махатма Ганди, го започнаа Движењето Калифат за да помогнат на Османлиската држава.
Полузапуштената куќа на докторот образован во Англија и шеф на Индиската конгресна партија, Мухтар Ахмед Енсари, не беше само куќа на Махатма Ганди, симболот на слободата на Индија, туку стана и седиште на движењето за помош во период кога колонијалните сили се обидуваа да ја срушат Османлиската држава.
Енсари формираше волонтерска медицинска мисија да замине во Истанбул за време на Балканските војни за лекување на повредените турски војници.
Распаѓањето на Османлиската држава за Хиндусите не беше религиозно и емотивно прашање како за муслиманите, но тоа ги зближи двете заедници кои сакаа да ја покажат својата непријатност од британскиот колонијализам.
Зградата бр. 1 на улицата „Енсари“, во населбата Дарјаганж каде што се наоѓаат печатниците во стариот дел на Њу Делхи, беше сведок на многу пресврти во историјата на Индија.
Улицата со 24 вили, со 20 хектари земјиште, кои припаѓаа на државните функционери од тој период, стана населба преполна со печатници и издавачи.
Енсари, поддржувач на Турција, живееше во таа вила и одржуваше состаноци со лидерите за да најдат начин како да се помогне на Османлиите.
Куќата, позната како Мировен дом или Куќа на рајот, во исто време припаѓаше и на 70-годишниот Д. Б. Јаин, кој исто така беше доктор. Дедото на Јаин, блискиот пријател на Енсари, Лала Рај Кишан Јаин, во 1948 година ја купи куќата од посвоената ќерка на Енсари, Јохра Баи, за значителна сума пари, 6.738 долари.
„Нашиот дедо остави 5 хектари земја и ние, тројцата браќа, сѐ уште поседуваме половина од земјата. Јас сум сопственик на големата куќа. Направив сѐ што е потребно за да се зачува оригиналот. Имам многу силна емотивна врска со оваа куќа. Ова е место каде што го поминав поголемиот дел од мојот живот. Го сакам такво какво што е“, рече Јаин во разговор за АА.
Јаин доби некои грантови за заштита и одржување на историската зграда во оригинална форма.
- Во историската куќа се чува стариот мебел
Стариот мебел сѐ уште се чува во куќата. Јаин, укажувајќи на големиот диван во големата гостинска соба, рече дека му припаѓал на Енсари. Многу влијателни луѓе како Махатма Ганди го користеле овој диван.
Во 1949 година, Лала Јаин ја изнајми зградата на водечки весник. До 1980 година зградата се користи за оваа намена.
Денес, доктор Јаин води клиника, позната како Школа за медицински сестри „Делхи“, изградена во градината и дворот на зградата. И доктор Енсари, по враќањето од Лондон по 1910 година, ја водеше клиниката и ги лекуваше раководителите и принцовите.
Пред да стане резиденција на Енсари, зградата беше домаќин на библиотеката на принцот Дара Шикох, најстариот син на Индо-турскиот император Шах Џихан во 17 век.
Експертите сметаат дека настаните во Турција дале придонес во тоа муслиманите и хинду-заедницата да се здружат.
Масовната моќ позната како Движење Калифат започна од страна на лидерите како што се Шефкет Али, Мухамед Али Џевхер, Хеким Еџмал Хан и Ебул Ќелам Абад, првиот министер за образование на Индија, во 1919 година, по Првата светска војна, во знак на протест на Договорот за примирје од Мудрос и санкциите спроведени врз Отоманската империја.
Докторот Енсари помогна да се соберат средства во фонд за помош на Турција. Во исто време се формираше мисија која се состои од пет лекари со цел да ѝ се помогне на Турција и отпловија од Бомбај, денешен Мумбаи. Оваа мисија им помагаше на сиромашните.
Првата регионална Калифатска конференција се одржа на 28 февруари 1920 година во Градското собрание на Калкута.