Ekip
20 Октомври 2020•Ажурирај: 21 Октомври 2020
БАГДАД
Во северната покраина Киркук е пронајдена масовна гробница во која се наоѓаат десетици Ирачани убиени од страна на терористичката организација ДЕАШ, изјави денес локален претставник на безбедносните служби, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во гробницата во градот Давуд ал Алука се наоѓаат посмртните останки на 45 лица убиени од терористите на ДЕАШ“, изјави полицаец под услов да остане анонимен. Тој додаде дека форензичките тимови ќе ги ексхумираат телата поради ДНК-анализа, за да ги идентификуваат.
Терористите на ДЕАШ во 2014 година стекнаа потполна контрола во покраините Мосул, Салахадин и Анбар и зазедоа територии во Дијала и Киркук. Меѓутоа, ирачките безбедносни сили успеаја да ја вратат контролата во наредните години.
Терористичката организација ДЕАШ во областите што беа под нејзина контрола остави зад себе десетици масовни гробници, во кои беа закопани илјадници убиени неистомисленици.
Во 2017 година, Ирак прогласи победа над ДЕАШ со враќање на целата своја територија - околу една третина од областа на земјата - што беше под инвазија од терористичката група. Сепак, терористичката група сè уште одржува заспани ќелии во голем дел на Ирак и периодично започнува напади.
Мисијата на Обединетите нации во Ирак документираше 202 масовни гробници во 2018 година во областите што ги држеше терористичката организација, во кои беа погребани меѓу 6.000-12.000 луѓе.