Bekir Aydoğan,İdiris Okuduci
07 Март 2021•Ажурирај: 07 Март 2021
ЕРБИЛ
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, во рамките на посетата на Ирак го посети Ербил, каде што се состана со претседателот на Регионалната курдска управа на северот на Ирак (IKBY), Нечирван Барзани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Папата утрово беше дочекан на Меѓународниот аеродром Ербил, каде што се состана со Барзани.
Во текот на состанокот со папата, Барзани изјави дека му е голема чест да го угости во Ербил.
„Имаме целосна верба во слободата на верата и уверувањето. Толеранцијата помеѓу ентитетите, заедничкиот живот и прифаќањето едни со други се дел од нашата култура. Се трудиме да ја заштитиме и браниме оваа култура со својата сила. Секогаш сме на страната на дијалогот и мирот“, рече Барзани.
По состанокот на аеродромот во Ербил, папата со хеликоптер отпатува во Мосул.
Папата ќе го посети регионот Каракуш во Мосул, каде што се наоѓаат повеќето христијани, и ќе одржи говор. По Мосул ќе се врати во Ербил каде што ќе одржи миса на стадионот „Франсо Харири“.
Во вечерните часови ќе се врати во Багдад од каде што утре наутро ќе се врати во Рим.
Папата Франциск, кој престојува во четиридневна посета на Ирак, вчера го посети античкиот град Ур, за кој се верува дека е местото на раѓање на божјиот пратеник Ибрахим.
Папата ја посети и црквата „Саједет ал-Наџат“ во Багдад, која беше нападната во терористичкиот напад во 2010 година, а денес имаше средба и со врховниот шиитски водач Али ал-Систани.