Muhammet Kurşun
05 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
ТЕХЕРАН (АА) – По седум месеци, новата учебна година во Иран започна во сенка на новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Првото ѕвонче во новата учебна година заѕвони во училиштето „Нучеванан“ во Техеран со церемонијата на која присуствуваше министерот за образование, Мухсин Хачи Мирзаји. Претседателот Хасан Рохани присуствуваше на свеченоста преку видеоконференција.
Во својот говор Рохани истакна дека оваа година во многу тешки услови ја презеле одговорноста за учениците во целата земја.
„Не може да постои дилема помеѓу лебот и животот на луѓето. Исто така, дилемата меѓу здравјето и образованието не е правилна. Учениците се подложени на скрининг пред да бидат примени на училиште. Здравствените прегледи што ги правиме се поради нашата загриженост за децата“, нагласи Рохани.
Министерот за образование, Мирзаји, во својот говор истакна дека тие се посветени на одлуките донесени од Националниот одбор за борба против коронавирусот и дека дејствуваат во согласност со упатствата на овој центар.
Мирзаји исто така наведе дека учениците со хронични болести, учениците кои во семејството имаат заразени со коронавирусот или што покажуваат симптоми нема да одат на училиште и наставата ќе ја следат од дома.