Mohammad Sıo
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Иран денес предупреди дека би можел да го прекине снабдувањето со нафта и гас во регионот „со години“ доколку Соединетите Американски Држави (САД) ја нападнат цивилната инфраструктура на земјата, јавува Анадолу.
Во соопштението пренесено од државната новинска агенција ИРНА, иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) порача дека ќе возврати и надвор од регионот доколку бидат преминати, како што ги нарече, „црвените линии“.
„Ќе ја оштетиме инфраструктурата на Америка и нејзините партнери, тоа со години ќе ги лиши од нафта и гас САД и нивните сојузници во регионот“, упати закани ИРГЦ.
Силите соопштија дека Иран досега покажувал воздржаност во своите одговори, повикувајќи се на добрососедските односи.
„Но сите размислувања сега може да бидат поништени“, се додава во соопштението.
Во соопштението се нагласува дека Иран не иницирал напади врз цивилни цели, но дека соодветно ќе одговори на нападите врз сопствената цивилна инфраструктура.
Овој повик доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги бомбардира електраните и мостовите низ Иран доколку Техеран не го отвори Ормускиот Теснец и не постигне договор до вечер во 20 часот по Гринич.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа над 1.400 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив во кои има американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.