Muhammet Kurşun
02 Август 2021•Ажурирај: 03 Август 2021
ТЕХЕРАН
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, истакнувајќи дека неговата земја може да се спаси само преку воздржаност и конструктивни односи, рече дека ерата на екстремизмот завршила, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рохани, кој се состана со директорите на институциите поврзани со Владата во главниот град Техеран, ги критикуваше конзервативците.
Реагирајќи на критиките на конзервативците кон неговата Влада, Рохани рече: „Ерата на екстремизмот заврши, мораме да дојдеме до овој заклучок. Не можеме да ја развиеме земјата со понижување и уништување едни со други. Јас целосно ги задржувам своите мисли од 2013 година за ослободување на земјата. Спасот на земјата е можен со умереност и конструктивни односи. Со екстремизмот не можеме да стигнеме никаде.“
Посочувајќи дека официјалните медиуми во земјата постојано ја критикувале Владата за време на санкциите, Рохани рече: „Во однос на периодот кога беше потпишан нуклеарниот договор имам да кажам некои зборови што не ќе можат да се изговорат со години. Нашите домашни медиуми не беа противници на ционистички медиуми. Во време кога непријателот нè напаѓаше, тие ја критикуваа Владата.“
Рохани, обвинувајќи ги Израел и земјите од Заливот за излегувањето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп од нуклеарниот договор, нагласи:
„Израел и неговите сојузници во регионот доставија до Трамп документи, вистинити или лажни, и рекоа дека нема друг избор освен да излезе од нуклеарниот договор. Трамп на изборите рече дека ќе излезе од нуклеарниот договор, и така беше прекршен договорот.“
Поранешниот израелски премиер, Бенјамин Нетанјаху, во мај 2018 година тврдеше дека документите, за кои тврди дека му припаѓаат на Иран во однос на нуклеарните работи, биле запленети од израелската разузнавачка служба Мосад.
Нетанјаху тврдеше дека израелските разузнавачки служби пронашле докази дека Иран работи на тајна програма за производство на нуклеарно оружје.
Нетанјаху исто така истакна дека израелските разузнавачки служби заплениле „55 илјади страници доверливи информации за иранската нуклеарна програма на 183 цедеа“.