İdris Okuducu
02 Август 2017•Ажурирај: 02 Август 2017
БАГДАД (АА) - Премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади најави дека ирачките сили наскоро ќе започнат операција на ослободување на градот Тал Афар, кој терористите на ДЕАШ го контролираат од летото 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога операцијата ќе започне, не сакаме никакви изненадувања на терен или забавување, токму затоа вторпат по ред го ревидиравме и доработивме воениот план на таа операција”, изјави Aл Абади денес во Багдад.
Истакнувајќи дека сѐ е подготвено за операцијата, Ал Абади изјави дека ирачките сили наскоро ќе тргнат во акција за ослободување на Тал Афар, град кој се наоѓа западно од неодамна ослободениот Мосул.
Ал Абади исто така изјави дека владата на Ирак изработила и план за обнова на ослободениот Мосул, за да се овозможи враќање на раселеното население.
Тал Афар моментално е најголемо упориште на терористичката организација ДЕАШ во Ирак, и има стратешки важна положба бидејќи се наоѓа западно од Мосул, во близина на ирачко-сириската граница која дел е под контрола на терористите.