АНКАРА
Исламскиот свет е обединет наспроти антиисламските изјави на највисоките француски официјални претставници, кои го оправдуваат контроверзното објавување на карикатурата на божјиот пратеник Мухамед, а официјален Париз е сè позагрижен со започнатата кампања за бојкот на француските производи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Франција веќе неколку години е главно средиште на антиисламските активности, а посебно остри критики и реакции на исламскиот свет предизвика францускиот претседател, Емануел Макрон, со својот говор за наводната криза на исламот и неопходноста за реструктурирање на таа религија. Тој на 2 октомври ги обвини муслиманите во Франција дека негуваат дискриминаторски и сецесионистички идеи.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, на 13 октомври изјави дека во рамките на борбата против радикалниот исламизам од почетокот на годината во таа земја биле затворени 73 џамии, приватни училишта и деловни објекти. Тој, исто така, изјави дека го вознемируваат посебните полици во маркетите на кои се продаваат халал производи, што беше уште еден од низата негови напади врз слободата на верата во Франција.
Три дена подоцна во Франција брутално беше убиен наставник, кој на час за слобода на верата покажуваше карикатури на пратеникот Мухамед, а тоа убиство беше повод за нови напади на владините официјални претставници на исламот и муслиманите. Макрон изјави дека убиството е дело на „исламскиот тероризам“.
Нападите на државното раководство врз муслиманите предизвикаа пораст на исламофобичните и расистичките напади во Франција. Со нож кај Ајфеловата кула беа избодени две жени со потекло од Алжир, а и вчера двајца браќа Јорданци беа жртви на расистички напад во Париз.
И покрај таквите појави, француските официјални претставници под плаштот на залагањето за слобода на говорот продолжија да поттикнуваат објавување на контроверзните карикатури на списанието „Шарли Хебдо“, со кои се навредува пратеникот Мухамед. Претседателот на Франција, Макрон, изјави дека нема да биде спречено објавувањето на таквите карикатури, а кратко потоа на неколку јавни згради се најдоа навредливи графити и карикатури за муслиманите.
- Кампања против француските производи во исламскиот свет -
Голем број муслимански земји, вклучувајќи ја и Турција, едногласно ги осудија нападите на исламот и муслиманите во Франција, а на социјалните мрежи се започнати кампањи против француските производи. Во некои земји од исламскиот свет од полиците во маркетите се отстранети француските производи.
Кампањите брзо наидоа на голема поддршка на социјалните мрежи, а таквата појава ги загрижи француските власти бидејќи тоа би можело да биде сериозен удар на француската економија.
Министерството за надворешни работи на Франција вчера повика на запирање на овие кампањи насочени кон француските производи и кон патувањата во таа земја.
Засега тој апел не даде резултати бидејќи кампањите и понатаму прогресивно траат, паралелно со протестите во неколку муслимански земји.
- Турција реагираше на највисоко ниво -
Од Министерството за надворешни работи на Турција порачаа дека никој нема право на такви искривени и погрешни пристапи кон исламот како чесна религија која има мир во своето име.
Шефот на Дирекцијата за верски работи на Турција, Али Ербас, рече дека навредливите карикатури на божјиот пратеник Мухамед на јавните згради покажуваат дека француските власти го поддржуваат непријателството кон исламот. Тој ја повика меѓународната заедница да се спротивстави на практиките во Франција кои ги навредуваат чувствата на сите муслимани во светот.
По поддршката на Макрон за објавувањето контроверзни карикатури, турскиот претседател Ердоган изјави дека на сегашниот француски претседател му е потребна терапија за менталното здравје.
- ОИС повика на запирање на систематските напади врз муслиманите -
Организацијата за исламска соработка (OIC) ги повика француските власти да стават крај на дискриминаторската политика и нападите врз исламот, кои ги навредуваат чувствата на милијарда и половина муслимани низ целиот свет.
Во исто време, пакистанскиот премиер, Имран Кан, ги осуди нападите на Макрон врз исламот и додаде дека француските власти охрабруваат ширење исламофобија и омраза.
Пакистанските власти го повикаа исламскиот свет да се обедини против нападите врз исламот и муслиманите.
Иранските власти, исто така, рекоа дека нападите од Франција врз исламот и муслиманите се неприфатливи. Владата и Парламентот официјално ги осудија изјавите на француските претставници, а изјавите беа осудени и од бројни ирански политичари и интелектуалци.
Најостра е реакцијата на претседателот на иранскиот Парламент, Мухамед Бакир Калибаф, кој на Твитер напиша дека нереалните и неспособни лидери на Франција само покажуваат дека не почитуваат ниту една религија ниту морал.
Во ирачката престолнина Багдад вчера се одржаа протести против антиисламските пораки на Макрон, а слични собири се одржаа и во Сирија и Јемен.
Протести се одржани и во Палестина, каде што демонстрантите ги осудија изјавите на Макрон и ги поздравија реакциите на Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Портпаролот на палестинското движење „Исламски џихад“, Давуд Шихаб, за АА изјави дека Макрон шири расизам и екстремизам.
„Турција е жива совест и претставник на исламскиот свет во процесот на соочување со Западот со неговиот расизам“, рече Шихаб.
Кувајтските власти, исто така, ги осудија нападите на француските власти врз исламот и ги отстранија француските производи од полиците на повеќе од 70 трговски ланци.
И Бахреин и Советот за соработка во Заливот ги сметаат како неодговорни и опасни изјавите на Макрон.
- Саудиските невладини организации ја поддржаа Франција -
Повикот за бојкот на производите во француски ланец супермаркети во Саудиска Арабија брзо стана втора најпопуларна етикета на социјалните мрежи.
И покрај тоа, челникот на саудиската организација на Светската исламска заедница, Абдулкерим ал Иса, ги повика муслиманите да не го креваат својот глас и да ги почитуваат сите закони во земјите каде што се малцинство.
Ал Иса, еден од блиските советници на саудискиот принц Мухамед бин Салман, за саудиската телевизија MBC изјави дека доследното придржување кон мерките во сите земји ќе придонесе за хармоничен живот и за интеграција на муслиманите во тие општества.
И од Либија доаѓаат остри реакции на изјавите на Макрон за исламот, а сè погласни беа и повиците за раскинување на либиската соработка со францускиот нафтен колосал „Тотал“.
Алжирското движење за мир го повика алжирскиот претседател, Абдулмеџид Тебун, јавно да ги осуди изјавите на Макрон.
Кампањи за бојкот на француските производи се започнати на социјалните мрежи во Алжир, Мароко и Јордан, а производите со француски одлики се тргнати од полиците на бројните продавници во Јордан.
Кампањата наиде на голем одзив во Мароко, чие Министерство за надворешни работи соопшти дека навредата на пророкот Мухамед и муслиманите не е дело на зрели луѓе.
Протести се одржаа во неколку либански градови, при што беа запалени француски знамиња.
Првиот човек на египетскиот Универзитет „Ал Азар“, Ахмед Таџиб, рече дека нападите на пророкот Мухамед и исламот претставуваат планирана кампања насочена кон туркање на муслиманите во нови конфликти.
И Малезија и Тунис ги осудија изјавите на Макрон, а демонстрантите изјавија дека тоа е показател за неговото незнаење и ароганција. Во Тунис беше побарано откажување на Самитот на франкофонските земји.