Servet Günerigök
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ЊУЈОРК (АА) - Независната истражителка на Обединетите нации (ОН), Агнес Каламард, изјави дека судското гонење на странските борци на ДЕАШ во земјите од каде што потекнуваат е единствената опција, наведувајќи го недостигот на фер судења во земјите каде што се задржани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за АА во седиштето на ОН, Каламард изјави дека во моментот нема услови во Ирак или Сирија за спроведување на правда и дека фер судењата не можат да бидат гарантирани таму.
„Ова е причината зошто, според мое мислење, единствената опција во моментот е судењата да се одржуваат на друго место. Земјите на потекло на странските борци се најлогичните места“, рече Каламард, додавајќи дека на регионот му недостига процес што одговара на глобалните стандарди за транзициска правда.
„Секако, можеме да замислиме ад хок суд и хибриден суд од меѓународна природа. Ќе треба долго време за ова да се воспостави“, додаде таа.
Околу 2.000 странски борци, вклучувајќи ги нивните сопруги и деца, во моментот се наоѓаат во камповите во североисточна Сирија, од кои за 800 се верува дека се од европските земји.
Каламард рече дека меѓу нив има такви кои биле таму само како придружба, сопруга или сопруг на борец.
Таа изјави дека тие индивидуи треба да се проверат и да се вратат во земјите од каде што потекнуваат.
„Сирачињата треба да се вратат како приоритет“, рече Каламард. „Нема зошто овие деца без родители да останат во камповите во североисточна Сирија, кога нивните баби и дедовци ги очекуваат и бараат од нив да се вратат.
- Прекршување на правата -
Осврнувајќи се на одземањето на државјанствата на странските борци од нивните родни земји, Каламард за овој потег рече дека претставува прекршување на човековите права и меѓународното право.
„Голем број меѓународни обврски се кршат кога странските борци ќе бидат лишени од нивната националност“, рече таа.
Каламард истакна дека долго време се залагала за враќање на странските борци за да им се суди во нивните родни земји, додавајќи дека е свесна за тешкотиите на нивното гонење во нивните матични земји.
„Знам дека не е лесно. Знам дека има многу тешкотии и многу стравови поврзани со тоа, вклучувајќи ги и стравувањата дека тие би можеле да го искористат своето враќање како платформа за понатамошна пропаганда и радикализација“, рече таа. „Јас сум целосно свесна за тие проблеми.“
Таа рече дека меѓународната заедница треба да биде подготвена да гради или да ги зајакне демократските институции за справување со тој предизвик.
„Нема лесно решение... Само затоа што не живееме на североистокот на Сирија, тоа нема да исчезне... Во одреден момент, ние треба да се спротивставиме на тоа“, заклучи таа.
Соединетите Американски Држави (САД) постојано ги повикуваа европските земји да ги гонат и да ги вратат своите државјани кои се бореа за ДЕАШ, но тие одбија да го сторат тоа.