Tayfun Salcı
01 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
ЛОНДОН (AA) - ТАЈФУН САЛЧИ - Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп греши со својот став дека да се биде муслиман се коси со западните вредности, јавува Anadolu Agency (AA).
Кан присуствуваше на ифтар во џамијата Азизије, на северот на Лондон, кој го организираше турската заедница во главниот град на Велика Британија. По ифтарот одговараше на прашањата на новинарот на АА.
Градоначалникот во оваа прилика ја пофали турската заедница поради нејзиниот придонес во економскиот, културниот и социјалниот живот на градот Лондон. Нарекувајќи ги „Лондонци“, Кан истакна дека „Турците помагаат Лондон да биде најубав град на светот“.
Истакна дека како прв муслиман на позицијата градоначалник на Лондон зад себе остави две години и дека во тој период почувствувал значителна поддршка од турската заедница.
„Турците, исто така, се соочени со проблемите што ги имаат и другите народи во овој град. Како другите заедници, и тие имаат свои потреби. Настојувам да им дадам поддршка во она што им е потребно", рече Кан.
На прашањето зошто лондонската полиција ги затвора очите пред собирите кои во овој град ги организираат симпатизерите на терористичката организација ПКК, Кан одговори:
„Имаме многу јасен став за тоа прашање. Неприфатливо е ваквите групи да ги користат законските празнини. Доколку една група е на листата на терористички организации, тогаш е противзаконски да се биде член на таа група. Ќе направиме одредени чекори на тој план, тоа ќе го направи и полицијата. Доколку таа група користи законски празнини, сметам дека во тоа треба да се вклучи и Владата и министерот за внатрешни работи и тие празнини да се отстранат.“
Тој се осврна и на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во јули би требало да ја посети Велика Британија и главниот град Лондон.
„Велика Британија и САД секогаш имаа посебен однос. Со задоволство гледам на американската култура, народот, како и на придонесот што го дадоа за Лондон. Но, се плашам дека некои работи кои претседателот Трамп ги говори и прави не ја претставуваат Америка на начин на кој ние ја познаваме“, рече Кан.
Потсети дека Трамп минатата година на својот твитер-профил споделил видеозапис од челникот на организацијата „Првин Британија“ (Britain First), во кој се изнесени расистички и антиисламски ставови. Кан смета дека Трамп поради тоа требало да упати извинување.
„Мислам дека Трамп во тоа греши. Тука живеат и голем број луѓе кои се гордеат со тоа што се Лондонци, но истовремено и муслимани. Во САД, исто така, знаете дека има луѓе коишто се горди на фактот што се муслимани и Американци. Верувам дека, кога ќе дојде во Лондон, ќе забележи дека различностите не се проблем, туку сила.“