Barry Ellsworth
19 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
ТРЕНТОН (АА) - Полицијата во Отава, Канада, приведе најмалку 70 демонстранти, откако полијата вети дека ќе продолжи да ги расчистува демонстрантите од централното градско подрачје на главниот град на Канада ако е потребно и 24 часа дневно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Полицајците приведоа и еден од организаторите на „Конвојот на слободата“, Пет Кинг, при интензивниот судир со демонстрантите.
„Ќе ја спроведуваме оваа операција 24 часа на ден сè додека жителите и заедницата не си го вратат својот град“, рече привремениот полициски началник Стив Бел.
Демонстрантите и околу 500 камиони се префрлија во централното градско подрачје пред три недели и создадоа хаос што го парализира градот. Тие побараа ставање крај на сите здравствени регулативи поврзани со коронавирусот, како носењето маски и задолжителната вакцинација на камионџиите. Потоа се проширија гласини и за уривање на власта.
Премиерот Џастин Трудо во понеделникот рече дека нелегалната блокада мора да заврши и се повика на Законот за вонредни состојби, кој на полицијата ѝ дава дополнителни овластувања. Началникот Бел нагласи дека овој потег е неопходен за да се заврши работата.
„Без овластувањата од овие различни закони не би можеле да ја извршуваме работата што ја вршиме денес“, рече тој.
Полицијата претходно приведе уште двајца водачи на протестите, Кристофер Барбер и Тамара Лич.
Пред да влезе во полициски притвор, Кинг ги повика камионџиите да ги блокираат шлеп-камионите, околу 21 возило кои се донесени од центарот на Отава. Кинг, исто така, вети одмазда против секоја шлеп-компанија што соработува со полицијата, обвинувајќи ги возачите дека извршуваат „самоубиство на кариерата“.
Додека полицијата полека се движеше да го стегне обрачот околу демонстрантите, некои демонстранти се фатија за раце и извикуваа „слобода“ и „држете ја линијата“.
Други извикуваа „предавник“ и „работиш за диктатор“, мислејќи на Трудо.
Одредени полицајци носат опрема за немири и солзавец. Но, во најголем дел, ситуацијата остана релативно без насилство.
„Сакаме мирно и безбедно да заврши овој незаконски протест“, порача полицискиот началник Бел.