Ayhan Şimşek
15 Февруари 2025•Ажурирај: 16 Февруари 2025
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денес остро го критикуваше американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс затоа што зборуваше за поддршка на крајнодесничарската партија АфД и ги обвини европските влади за антидемократски практики, пренесува Анадолу.
„Нема да прифатиме надворешно мешање во нашата демократија, нашите избори и процесот на формирање на демократско мислење во корист на оваа партија, особено не на пријателите и сојузниците“, рече Шолц, и додаде:
„Ова одлучно го отфрламе. Ние самите ќе ја одредиме иднината на нашата демократија“.
Шолц ова го кажа на денешната Минхенска конференција за безбедност, еден ден по контроверзниот говор на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој наиде на широка осуда.
Критиките на Венс за ставот на европските влади кон екстремно десничарските партии ги запрепасти многумина присутни во Минхен во петокот, бидејќи тој тврдеше дека Европа ги напушта „заедничките демократски вредности“.
Венс тврдеше дека најголемата закана за Европа не доаѓа од Русија или Кина, туку одвнатре - укажувајќи на, како што рече, „оддалечувањето на Европа од некои од нејзините најфундаментални вредности“.
Тој ја обвини Европската комисија за ограничување на слободите на социјалните мрежи и ги осуди европските судови за, како што тврди, неправедно поништување на изборните резултати.
По неговиот говор, Венс се состана со копретседателката на АфД (Алтернатива за Германија) Алиса Вајдел во Минхен, давајќи поддршка само една недела пред германските парламентарни избори закажани за 23 февруари, што претставува кршење на дипломатските норми.
За време на неговиот контроверзен говор на Минхенската безбедносна конференција, Венс ја критикуваше германската влада и главните партии за нивниот „огнен“ пристап кон АфД, нивното одбивање за соработка со десничарската екстремистичка партија.
Организаторите на конференцијата не ја поканија Вајдел поради антидемократските ставови на нејзината партија.