Murat Paksoy
05 Август 2022•Ажурирај: 05 Август 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - МУРАТ ПАКСОЈ - Ахмет Јуџел Алибејлер, капетанот на бродот „Поларнет“, кој плови под турско знаме, а кој во рамките на договорот за испорака на жито исплови од украинското пристаниште Черноморск, изјави дека очекуваат патувањето во вообичаени услови да трае 28 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На „Поларнет“, кој превозува 12.000 тони жито, ќе му биде извршена инспекција од заедничкиот тим во Истанбул.
Во понеделникот од украинското пристаниште Одеса исплови првиот брод со жито кој потоа од Истанбул го продолжи патот кон Либан по одредени проверки во турската метропола. Бродот, под знамето на Сиера Леоне, беше натоварен со пченка.
Со посредување на Туркије и ОН, Украина и Русија во Истанбул потпишаа договор на 22 јули за обнова на украинската испорака на жито од црноморските пристаништа. Според договорот, воспоставен е координативен центар за спроведување заеднички инспекции на влезовите и излезите од пристаништата, осигурувајќи ја безбедноста на рутата.
Туркије, која меѓународната заедница ја пофали поради посредничката улога, со Москва и Киев го координираше отворањето на коридорот од украинскиот пристаништен град Одеса, за глобалните испораки со жито кои беа запрени поради Руско-украинската војна од 24 февруари да бидат продолжени.
Капетанот на бродот, Ахмет Јуџел Алибејлер, во изјава за АА рече дека се упатиле кон Истанбул, а очекуваат патувањето во нормални услови да трае 28 часа.
„Бродот ќе вплови во Истанбул. На бродот сме 12 члена турска посада“, информира Алибејлер.