Enes Kanlı
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Министерството за надворешни работи на Катар порача дека затворањето на копнената граница, воздушниот и поморскиот сообраќај на таа земја е потполна блокада која ја спроведуваат неколку заливски земји на чело со Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на Канцеларијата за односи со јавноста при министерството, Ахмед бин Саид ер-Румејхи, за катарската новинска агенција QNA (КНА) ја коментираше актуелната криза во Заливот што минатата недела ја предизвикаа властите на Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет, кои ги прекинаа дипломатските односи со Катар и ја обвинија земјата за поддршка на тероризмот.
„Потегот на братските заливски земји, кои го затворија единствениот катарски копнен граничен премин, а исто така и воздушниот и поморскиот простор, не може да се третира како бојкот, тоа е директна и потполна блокада на земјата“, изјави Румејхи и додаде дека тоа е грубо кршење на братските односи, исламските и хуманите принципи, како и на меѓународните норми и вредности.
Румејхи изјави дека таквите потези на заливските земји се јасно политичко средство за притисок на народот и на Катар за да се остварат политичките цели на тие земји.
„Неприфатливо е Катар да се обвинува за поддршка на тероризмот или за недоволна поддршка на борбата против тероризмот. Катар апсолутно ги отфрла тие обвиненија за кои, секако, нема никакви докази“, порача Румејхи.
Оваа реакција на катарското Министерство за надворешни работи следуваше како одговор за изјавата на шефот на саудиската дипломатија, Адил aл-Џубаир, кој по состанокот со американскиот колега Рекс Тилерсон изјави дека мерките што Саудиска Арабија ги спроведува кон Катар не се блокада, ниту окупација, туку своевиден бојкот на односите со таа земја.