Ekip
15 Јули 2016•Ажурирај: 16 Јули 2016
ПЕКИНГ (АА) - Во поплавите предизвикани од обилните дождови, кои веќе со недели траат во Кина, загинаа 237 лица, а други 93 се водат за исчезнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Поплавите што траат од средината на јуни погодија 1.508 окрузи во 28 провинции, а најлоша е ситуацијата во централните и во југоисточните делови од земјата.
Џанг Јиатуан, портпарол на Националното биро за контрола на поплави и помош од суша, изјави дека власта „се подготвува за најлошото, но во исто време се надеваат на најдоброто“.
„Иако нивото на водата во средниот и долниот тек на реката Јангце постепено се намалува, во повеќето делови од реката, нивото сѐ уште е над нивото на предупредување“, рече Јиаутан.
Тој ги објави официјалните податоци, според кои 147.200 дома се уништени, а 5,46 милиони хектари обработливо земјиште е поплавено, додека регистрирани се економски загуби во износ од 147 милијарди јуани (околу 19,7 милијарди евра).
Според него, ситуацијата сѐ уште е прилично критична во централните и во источните делови на Кина, бидејќи временската прогноза за оваа област покажува дека може да се очекува продолжување на врнежите.
Во спасувањето на луѓето и заштитата од поплавите во регионите беа ангажирани повеќе од 23.000 луѓе.