Riyaz Khaliq
24 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
ПЕКИНГ
Кина денеска ги повика Соединетите Американски Држави (САД) да ја повлечат својата погрешна одлука со која е наредено затворање на Генералниот конзулат на Кина во Хјустон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, за новинарите изјави дека Генералниот конзулат на Кина во Хјустон работи и понатаму.
„Ги повикуваме САД да ја повлечат својата погрешна одлука“, изјави Венбин.
Соединетите Американски Држави на 22 јули наредија затворање на кинеската дипломатска мисија во Хјустон, во сојузната држава Тексас, во рок од 72 часа. Како причина за оваа одлука американската администрација неведе дека кинескиот Конзулат служел како центар за шпионажа и кражба на интелектуална сопственост.
Потоа Кина денеска им нареди на САД да го затворат Генералниот конзулат во градот Ченгду на југозападниот дел на Кина.
Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи се наведува дека лиценцата на Генералниот конзулат на САД во Ченгду е одземена откако американските власти на 22 јули издале наредба за затворање на кинескиот Генерален конзулат во Хјустон.
„Ова е неопходен и легитимен одговор на неразумната постапка од страна на САД“, се вели во соопштението.
Венбин рече дека некои членови на персоналот на американскиот Генерален конзулат во Ченгду биле вклучени во активности што не се компатибилни со нивните службени должности.