Riyaz Khaliq Khaliq
10 Август 2022•Ажурирај: 11 Август 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денеска објави крај на воените вежби околу Тајван, кои беа започнати минатата недела во знак на протест поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на островот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Источната команда на народноослободителната војска на Пекинг соопшти дека успешно завршила различни мисии за време на неодамнешните вежби околу островот Тајван и ефективно го тестирала борбениот капацитет на војниците, објави кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.
„Командата редовно ќе организира патроли за борбена готовност во Тајванскиот Теснец“, додава командата.
Најавата дојде неколку часа откако Кина објави Бела книга во која одбива да ја исклучи употребата на сила за обединување на Тајван со континенталниот дел на Кина. Сепак, се додава дека Кина ќе работи со голема искреност за да постигне мирно обединување.
Пелоси реализира кратка посета минатиот вторник и среда на островот, самоуправа, што беше прва посета на еден претседател на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави во последните 25 години.
Таа ја оствари посетата, и покрај предупредувањата на Пекинг дека островот е „отцепена провинција“ и дека нејзината посета би претставувала кршење на политиката на „една Кина“.
Набргу откако таа го напушти Тајпеј, Пекинг минатиот четврток започна масовни воени вежби кои требаше да завршат во неделата, но беа продолжени до оваа среда.
Пекинг, исто така, ги санкционира Пелоси и нејзиното блиско семејство поради патувањето, истовремено потценувајќи го воениот дијалог со САД и суспендирајќи ја соработката за климатските промени, покрај шест други контрамерки.