Riyaz Khaliq Khaliq
17 Јули 2024•Ажурирај: 18 Јули 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина, гневна поради американската продажба на оружје на Тајван, соопшти дека одлучила да ги прекине консултациите со Вашингтон за контрола на непролиферација на оружјето, објавија државните медиуми, пренесува Анадолу.
„САД го игнорираат цврстото противење на Кина продолжувајќи да му продаваат оружје на Тајван и вклучувајќи се во серија негативни дејства што сериозно им наштетуваат на клучните интереси на Кина и ја поткопуваат меѓусебната политичка доверба“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џиан, за новинарите во Пекинг.
„Овие акти сериозно ја нарушија политичката атмосфера што е неопходна за продолжување на консултациите за контрола на оружјето“, рече Лин, додавајќи дека Пекинг одлучил да ги прекине консултациите за контрола и непролиферација на оружјето.
Откако во 2021 година администрацијата на Бајден ја презеде власта, на Тајван му продаде оружје во најмалку 16 наврата.
Лин го обвини Вашингтон за „актуелната ситуација“.
„Кина е подготвена да одржува комуникација со САД за прашањата за меѓународна контрола на оружјето засновани врз меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка за заедничка корист“, рече портпаролот.
„Сепак, САД мора да ги почитуваат основните интереси на Кина и да ги создадат потребните услови за дијалог и размена меѓу двете страни“, рече Лин.
Во врска со најновите визни ограничувања наметнати од САД за кинеските официјални лица, Лин рече дека Пекинг ќе усвои реципрочни визни ограничувања за американските службеници „што фабрикуваат лаги и промовираат санкции против“ втората по големина светска економија што им „штети“ на нејзините интереси.
Минатата недела Вашингтон објави дека ќе воведе визни ограничувања за кинеските официјални лица „поради континуираното кршење на човековите права на малцинските групи“.
Укажувајќи на „ограничувањата и острите мерки“ на САД врз кинеската индустрија на полуспроводници, Лин ги повика другите држави да преземат „цврсти мерки против“ американската „принуда“ и „заеднички да ги заштитат јасните и правичните меѓународни трговски норми и навистина да ги осигураат долгорочните интереси.“