ВАШИНГТОН (АА) - На виделина излезе официјален документ на кинеското раководство, на 403 страници, во врска со случувањата во Синкјанг, Автономниот регион на Ујгурите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во документот објавен од весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times) можат да се најдат деталните инструкции на кинеската администрација упатени до единиците за безбедност, како да се однесуваат во Синкјанг, Автономниот регион на Ујгурите во Кина.
- „Воопшто да не се покажува милост“
На најмалку 200 страници од документот се дадени инструкциите од кинескиот претседател Си Ѓинпинг и останатите кинески владини претставници за контрола на ујгурското население во регионот и нивната континуирана ревизија, предупредувајќи дека е потребно да се преземат мерки, со цел да се спречи ширењето на исламот.
Претседателот Си во документот како пример ја зема политиката на Соединетите Американски Држави (САД) за „борбата против тероризмот“ по нападот од 11 септември, потенцирајќи дека е потребно случувањата во регионот да ги дефинираат како „борба со тероризмот“ и на единиците за безбедност им дава инструкции дека во „ниту еден момент не треба да покажуваат милост“. Во документот им се отстапува место и на коментарите на други претставници на власта, кои ја оправдуваат легитимноста на самоволните приведувања и логорите.
- „Третман против вирусот на радикалност“
Во документот се вели дека е потребно следење на младите Ујгури, кои по школувањето во странство се вратиле во своите домови, и на прашањето каде се наоѓаат нивните семејства, да се одговори „Тие се испратени во образовни институции отворени од страна на кинеската држава“.
Се издава наредба единиците за безбедност на младите да им кажат дека „нивните семејства не се виновни, но дека се лекуваат од вирусот на радикалност и се образуваат во таа насока“. Во истиот документ се истакнува дека истите семејства „ќе бидат разгледани и ќе бидат казнети“.
Во документот се наведува дека во рамките на политиката за „Формирање нова генерација на ујгурски Туркијци која ќе биде поврзана со Кина и Комунистичката партија“, младите од Синкјанг се испратени во универзитети што се наоѓаат во други подрачја од земјата, но откриено е дека тие студенти започнале поактивно да ги бранат случувањата во Синкјанг.
Во продолжение се истакнува: „Оваа младина која во универзитетските денови преку социјалните мрежи стекнала одредено опкружување, преку „WeChat“, „Weibo“ и други социјални платформи шири погрешни информации, при што нивниот ефект е широк и не може да се интервенира.“
Се потенцира значењето на преземањето превентивни мерки против таквата состојба и се бара безбедносните службеници од Синкјанг во цивилна облека да се приближат до овие студенти и да ги потсетат на важноста на правилата.
- Систем на бодирање кој зависи од однесувањето на младите
Во документот се издаваат инструкции дека на студентите кои продолжуваат да прашуваат каде се нивните семејства треба да им се зборува за ситуацијата во Сирија, за штетата што ја нанесе ДЕАШ, дека состојбата на членовите на нивните семејства е добра и по тоа прашање е потребно да ѝ се заблагодарат на кинеската Влада.
Покрај тоа, во документот се вели дека е потребно да се каже дека во образовните кампови, каде што се наоѓаат нивните семејства, постои систем на бодирање кој зависи од однесувањето на младите т. е. самите тие и нивното однесување влијаат врз бодовното салдо на нивното семејство, кое доколку е ниско, постои можност нивниот престој во камповите да биде подолг.
Во дел од документот се вели: „На овие студенти треба да им се посочи дека треба да се однесуваат во согласност со државните закони, да не шират погрешни информации и да не им веруваат на озборувањата. На тој начин тие ќе можат да добијат екстра поени за нивните семејства и на тој начин, доколку бидат исполнети одредени стандарди, ќе можат да стигнат до членовите на своите семејства. Нагласете им, кинеската држава ќе ги покрие финансиските проблеми што се појавуваат поради недостатокот на нивните семејства и ќе им помогне во надминувањето на потешкотиите.“
- Документот е извлечен од организација за човекови права, која е активна во Кина -
Документот во кој се оправдува репресивната политика што се спроведува во Синкјанг, Автономниот регион на Ујгурите, и којшто содржи многу други упатства, извлечен е од страна на една хуманитарна организација што делува во Кина и предаден е на весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times).
- Кинеската репресивна политика во Синкјанг -
Меѓународната јавност ја критикува политиката што Кина последните години ја спроведува врз ујгурските Туркијци кои живеат во Синкјанг, Автономниот регион на Ујгурите, спроведувајќи ги во кампови именувани како образовни центри, каде што се вршат прекршувања насочени кон идентитетот и културата на Ујгурите.
Во Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), одржан во јули, 22 земји членки потпишаа писмо во кое се критикува Кина поради нејзиниот третман на ујгурските Туркијци и останатите малцинства во подрачјето на Синкјанг, Автономниот регион на Ујгурите, апелирајќи да се запрат масовните приведувања.
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) се вели дека во подрачјето на Синкјанг, во последните 2 години голем број невини луѓе се приведени под образложение за „превентивна полициска мерка“. Во истиот извештај се вели дека поединците кои од политички аспект се сметаат за опасни, без каква било судска одлука се испраќаат во логори.
Иако ОН и другите меѓународни организации ги повторуваат барањата за отворање на вратите на камповите за разгледување, Кина досега овозможи влез на мал број дипломати и претставници на медиумите и делумен преглед на само неколку кампови што самата ги одреди. Кинеските власти ги враќаат барањата на претставниците на ОН за слободно разгледување на регионот од нивна страна, со цел директно информирање.