Darren Lyn
16 Март 2023•Ажурирај: 17 Март 2023
ХЈУСТОН (АА) - Кинески милијардер поврзан со администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше приведен вчера под обвинение дека измамил инвеститори со една милијарда долари за да си обезбеди луксузен живот, пренесува Анадолу.
Гуо Венгуи, познат и како Хо Ван Квок и Мајлс Гуо, беше приведен во Њујорк поради, како што го нарече американското Министерство за правда, наводен заговор што вклучува проневера на средства добиени од неговите онлајн следбеници.
Американските медиуми пишуваат дека Гуо купил вила од 762 квадратни метра во Њу Џерси, луксузна јахта вредна 37 милиони долари, спортски автомобил бугати во вредност од 4,4 милиони долари и ферари во вредност од 3,5 милиони долари за својот син.
Обвинителите го обвинија Гуо за измама или злоупотреба на парите на инвеститорите користејќи различни шеми, вклучително и преку неговата медиумска компанија „GTV Media Group“.
Гуо и неговиот деловен партнер Кин Минг Џе се соочуваат со 11 обвиненија, вклучително и измама и перење пари, како и со затворска казна до 20 години.
Властите велат дека Џе во моментов е на слобода и, исто така, се соочува со дополнително обвинение за попречување на правдата.
Гуо беше жесток критичар на кинеската Влада и беше протеран во Њујорк откако побарал азил во САД во 2017 година. Тој тврдеше дека бил прогонуван од кинеската Комунистичка партија за разоткривање на корупцијата во Пекинг.
Гуо имал блиски односи со советникот на Трамп, Стив Банон, и заедно основале две непрофитни организации, Фондацијата за владеење на правото и Здружението за владеење на правото.
Обвинителите тврдат дека Гуо ги користел тие непрофитни организации за да привлече следбеници што верувале во голем број од неговите идеи, вклучително и теоријата дека Ковид-19 веројатно е направен во кинеска лабораторија.
Адвокатот на Гуо одби да ги коментира наводите, додека Банон не е обвинет во случајот.