Alma Çekovic
02 Август 2016•Ажурирај: 02 Август 2016
БЕРЛИН (АА) - Полицијата на Швангау, општина во германската сојузна држава Баварија, ја прошири потрагата по кинескиот пар кој пред околу еден месец исчезна во прочуениот дворец Нојшванштајн, на југозадниот дел на Баварија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Младиот кинески пар на 2 јули, со група туристи дошол во посета на еден од најпознатите дворци на светот. Дворецот, инаку, послужи како пример за дворец од бајките во тематските паркови на Дизниленд, а беше инспирација и за дворецот во познатата бајка на Дизни „Убавицата и ѕверот”.
Си Ванг Чен (37) и неговата сопруга Сјао Сиа Чен (39) ја напуштиле групата туристи за сами да го посетат дворецот, но од тогаш повеќе не се видени.
Откако туристичката група го пријавила нивното исчезнување, полицијата започна опсежна потрага, во која се вклучени нуркачи, хеликоптери, кучиња трагачи и термални камери.
Засега нема докази дали се работи за несреќа или криминална активност, соопшти полицијата, не исклучувајќи ја можноста дека парот некако побегнал.
Дворецот Нојшванштајн е граден од 1869 до 1886 година воглавно во стил на германскиот романтизам од 13 век. Претставува еден од најпознатите дворци и романтични глетки на светот, и е омилена туристичка дестинација којашто годишно ја посетуваат повеќе од милион туристи.