Ekipa
16 Октомври 2022•Ажурирај: 17 Октомври 2022
ПЕКИНГ (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг денес го отвори 20. Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина (КПК) во Пекинг, ветувајќи дека ќе ја преземе контролата над Тајван и застапувајќи ја политиката „една земја, два система“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во говорот пред речиси 2.300 членови на партијата во Големата сала на народот во Пекинг, кинескиот претседател рече: „Решавањето на прашањето за Тајван е прашање на Кинезите, прашање што мора да биде решено од страна на Кинезите.“
„Ќе продолжиме да се залагаме за мирно обединување со најголема искреност и максимални напори, но никогаш нема да ветиме дека нема да употребиме сила и ја задржуваме опцијата да ги преземеме сите неопходни мерки. Ова е насочено исклучиво кон мешање на надворешни сили и неколкуте сепаратисти кои бараат „независност на Тајван“ и нивните сепаратистички активности; тоа во никој случај не е насочено кон нашите сонародници од Тајван“, јавија државните медиуми цитирајќи ја изјавата на претседателот.
„Отсекогаш сме покажувале почит и грижа за нашите сонародници од Тајван и сме работеле да им донесеме бенефит. Ќе продолжиме да ја унапредуваме економската и културната размена и соработката преку Теснецот“, рече Си Ѓинпинг.
„Политиката 'Една земја, два система' е голема иновација на социјализмот со кинески карактеристики. Тоа се покажа како најдобра институционална солуција за обезбедување одржлив просперитет и стабилност на Хонгконг и Макао по нивното враќање кон татковината.“
„Оваа политика мора да се почитува на долг рок“, порача кинескиот претседател.
Конгресот на Комунистичката партија на Кина се одржува на секои пет години, на кој партиските делегати одлучуваат за идните политики.
„Ние целосно, лојално и одлучно ќе ја имплементираме политиката 'Една земја, два система', според која граѓаните на Хонгконг ќе управуваат со Хонгконг, а граѓаните на Макао ќе управуваат со Макао, и едниот и другиот со висок степен на автономија. Ќе останеме посветени на владеење засновано на законите во Хонгконг и Макао“, порача Си.
Си Џинпинг ги изнесе и главните принципи за изградба на „модерна социјалистичка Кина“ во сите погледи.
„На патешествието што ни претстои мора цврсто да се придржуваме до главните принципи за поддршка и зајакнување на целокупното раководство на партијата, следејќи го патот на социјализмот со кинески карактеристики, применувајќи ја филозофијата за развој насочена кон народот, останувајќи посветени на продлабочување на реформите и отворање, како и продолжување со нашиот борбен дух“, рече кинескиот претседател.
„Нашата иднина е светла, но ни претстои уште долг пат“, истакна тој.
Конгресот се одржува во време кога САД ја гледаат Кина како свој главен ривал и размислуваат за чекорите за ликвидација на зависноста од кинеските синџири на снабдување. Двете држави ги имаат првите две економии во светот, и двете држави имаат силни армии.
Тоа, исто така, доаѓа во период по тензиите во Тајванскиот Теснец поради ненајавената посета на спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на островот самоуправа, што Пекинг го сфати како најголема провокација од Западот.
Кина го смета Тајван за своја „отцепена провинција“, но Тајпеј инсистира на независност од 1949 година, одржувајќи независни дипломатски односи со 14 земји.