АНКАРА
Командантот на воздухопловните сили на Пакистан, Муџахид Енвер Кан, истакна дека односите помеѓу Турција и Пакистан го восхитуваат светот.
Кан во изјава за Агенција Анадолија (АА) нагласи дека Турција е нивни втор дом, и рече: „Во суштина, ние сме две земји, а еден народ.“
Тој истакна дека Турција и Пакистан дејствуваат заедно во сите сфери на животот што се однесува до контактите помеѓу народите, како и контактите од политички и воен аспект. Според него, односите помеѓу двете земји постојано се развивале во текот на историјата.
- Односите помеѓу Турција и Пакистан
Кан нагласи дека овие две пријателски и братски земји не споделуваат само заеднички културни и верски врски, туку исто така имаат заеднички предизвици и интереси.
„Односите помеѓу Турција и Пакистан се уникатни и го восхитуваат светот“, рече Кан, додавајќи дека тоа треба да се пренесе преку генерации.
Според него, Пакистан стои покрај Турција што се однесува до кипарското прашање, другите безбедносни предизвици во врска со Сирија и Ирак, како и во борбата против тероризмот.
Како што рече тој, важно е да се продолжи соработката помеѓу двете земји со цел надминување на овие предизвици, додека терористичките организации ПКК и ДЕАШ ги опиша како отворени закани, а Пакистан во рамки на своите граници води борба против слични предизвици.
Кан рече дека Турција и Пакистан имаат заедничка визија што се однесува до стабилноста, мирот и благосостојбата во регионот, особено во муслиманските земји. Според него, поддршката на Турција за Азербејџан е отворен показател за тоа.
- Соработка во одбраната
„Ја поздравувам зголемената соработка помеѓу Турција и Пакистан во областа на одбраната. Воспоставивме примерна соработка“, истакна Кан, додавајќи дека во овие рамки плодно продолжуваат посетите на високо ниво помеѓу овие две земји.
Кан истакна дека Турција постигнала важен напредок во производството на одбранбената индустрија, и според него, беспилотните летала произведени од страна на Турција, одиграле клучна улога во успехот кој го постигна Азербејџан во Нагорно Карабах.
Тој рече дека исто така Пакистан постигнал важен развој во одбранбената индустрија, и дека треба да продолжи соработката помеѓу двете земји.
Според него, Турција и Пакистан имаат различни одбранбени способности.
„Воената соработка треба да се изгради врз економската соработка. Заедничките проекти, вежбите, производството, образованието, споделувањето на технологиите се области кои излегуваат на преден план што се однесува до заедничката соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната“, додаде тој.
- Прашањето за Кашмир
Кан рече дека повеќе постои поголема загриженост за економијата отколку за моралните вредности, и дека состојбите во Палестина, Кашмир и Азербејџан тоа јасно го покажуваат.
Тој упати благодарност до Турција поради дадената поддршка во врска со прашањето на Кашмир, нагласувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, ова прашање го истакнале на меѓународно ниво.
Според него, Пакистан на Индија ѝ ја пружил раката на мирот, но од Њу Делхи тоа било одбиено. Кан рече дека всушност Пакистан сака да има пријателски односи со соседните земји.
Кан се осврна и на воздушниот напад на Индија врз Пакистан извршен во 2019 година, и рече: „Тоа беше голема грешка. [Премиерот на Индија, Нарендра] Моди тоа го направи за да постигне политичка цел. Не беше почитуван територијалниот интегритет на соседната земја, беше причина за војна и требаше да дадеме одговор против тоа. Нашиот одговор беше силен и јасен.“
Тој нагласи дека Индија треба да извлече лекција од овој случај.
Кан се осврна и на настаните во Авганистан, додавајќи дека Пакистан го поддржува мировниот процес во земјата, и дека имаат надеж оти тоа ќе се заклучи позитивно, и покрај сите предизвици.
„Градење на еден стабилен Авганистан е во корист на Пакистан“, рече во изјава за АА командантот на Воздухопловните сили на Пакистан, Муџахид Енвер Кан.