Burç Eruygur
13 Ноември 2024•Ажурирај: 14 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Кремљ денес соопшти дека Русија ќе преземе мерки како одговор на отворањето американска ракетна база во Полска, јавува Анадолу.
„Се разбира, ова (чекор) води до усвојување соодветни мерки за да се обезбеди паритет“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите во главниот град Москва.
Вчера, полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, во видео објавено од неговото Министерство на платформата X, изјави дека американска ракетна одбранбена база ќе биде отворена во градот Реџиково близу балтичкиот брег во северна Полска на 13 ноември.
Според Сикорски, проектот за отворање на ваква база започнал за време на претседателствувањето на Џорџ Буш, а неговото завршување е доказ за „геостратешката конзистентност на САД“.
Песков истакна дека претседателот Владимир Путин се спротивставил на тој план уште во 2000-тите години.
Целта на отворањето на таква база е „воено да се задржи“ потенцијалот на Русија, рече портпаролот на Кремљ.