Dilara Hamit
22 Јуни 2024•Ажурирај: 24 Јуни 2024
АНКАРА (АА) - Куба одлучи да се приклучи кон тужбата покрената од Јужноафриканската Република против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, пренесува Анадолу.
Според Радио Хавана Куба, во рамките на своите обврски кон Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, Куба ќе го искористи своето право како трета држава да го претстави своето толкување на Конвенцијата, според кое Израел флагрантно ја има прекршено во Појасот Газа.
Тужбата има за цел да ги запре злосторствата врз палестинскиот народ поради несразмерната и неселективна употреба на сила од страна на Израел на илегално окупираната територија на Газа.
Куба нагласи дека Израел, заштитен со соучесништво на САД, постојано ги игнорира своите обврски како окупаторска сила според Женевската конвенција.
Куба истакна и дека геноцидот, апартхејдот, принудното раселување и колективното казнување немаат место во денешниот свет и не треба да бидат толерирани од страна на меѓународната заедница. Таа повика на правда и почитување на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во Рафа, каде што засолниште од војната побараа над 1 милион Палестинци, пред да започне копнената офанзива врз градот во мај.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш, над 37.000 Палестинци се убиени во Газа, од кои повеќето жени и деца, а повеќе од 85.000 се повредени, според палестинските здравствени власти.
Повеќе од осум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде владее и блокада на храна, чиста вода и лекови.