Ali Cura,Dmitri Chirciu
20 Ноември 2020•Ажурирај: 21 Ноември 2020
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека САД и Франција се навредени од тоа што не учествувале во Договорот што го запре конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров, во изјава за телевизискиот канал „Раша тудеј“ (Russia Today), одговори на тврдењата дека неговата земја не ги вклучила САД и Франција во процесот на решавање на конфликтот во Нагорно Карабах.
Наведувајќи дека САД и Франција играле важна политичка улога во создавањето на неопходните услови во Договорот, Лавров рече: „Се чувствува дека се навредени и на состанокот на францускиот претседател Емануел Макрон со рускиот претседател Владимир Путин и на моите контакти со американските и француските колеги за Нагорно Карабах. Тоа е многу тажно.“
Лавров истакна дека на состанокот со францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, се обидел да му објасни дека не сакаат луѓето да ги напуштат своите домови или да бидат убиени.
Министерот Лавров рече дека секоја минута е важна за животот на еден човек, и дека не би било соодветно да се контактира преку телефон со Вашингтон и Париз и да се праша дали ќе ги поддржат точките од Договорот.
Нагласувајќи дека обвинувањата против Русија не се морални и етички, Лавров рече дека е тажно што во повеќеслојните структури како што е Европската Унија сакаат на преден план да излезе нивната желба за зајакнување на позициите и желбата за истакнување во политиката.
Истакнувајќи дека се задоволни од тоа што се поддржани од меѓународната заедница за она што е сработено, Лавров рече дека нивната најважна цел е да нема конфликти и кризи во Сирија, Нагорно Карабах и на други места.