Faruk Zorlu
29 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
БЕЈРУТ (АА) - Најмалку 115 лица беа повредени вчера во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили во Триполи северно од либанскиот главен град Бејрут, јавува Агенција Анадолија (АА)
Демонстрантите се собраа во центарот на Триполи во попладневните часови и маршираа до канцеларијата на гувернерот на плоштадот „Сахет ал Ноур“.
Безбедносните сили распоредени околу канцеларијата на гувернерот употребија солзавец да ги разбркаат демонстрантите, повеќето од нив млади луѓе, кои одговорија со фрлање камења на полицијата.
Фрустрирани од економската криза и невработеноста во земјата, демонстрантите запалија неколку контејнери со ѓубре.
Судирите продолжија во Сахет ал Нур и околните улици, а предизвикан е пожар и во Градското собрание на Триполи.
Група луѓе на плоштадот „Абдулхамид Карами“ во Триполи предизвикаа пожар со фрлање молотови коктели во Градското собрание, објавија локалните медиуми.
Многу од документите во зградата се запалени, зградата е оштетена, но не се пријавени жртви.
Општинските власти се покрај демонстрантите кои ги бараат своите права повеќе од една година, се наведува во изјавата на градоначалникот на Триполи, Риад Јамак.
Јамак рече дека оние кои го запалиле Градското собрание не се демонстранти кои ги бараат своите права и дека овој потег е извршен за да се фрли сенка врз вистинските барања на демонстрантите.
„Пожарот избувна во Сунитскиот шеријатски суд во владината зграда поради фрлените молотови коктели за време на демонстрациите“, соопштија силите за внатрешна безбедност на Либан преку социјалните мрежи.
„Зошто либанската Армија стои и гледа како горат општината и објектите и кој ќе го заштити Триполи ако Армијата не успее во тоа?“, напиша на Твитер мандатарот Саад Харири.
Во меѓувреме, еден припадник на безбедносните сили беше ранет од рачна граната која беше фрлена пред владината зграда на плоштадот, соопштија силите за внатрешна безбедност преку Твитер.
Либанската Црвена полумесечина соопшти дека шест лица се префрлени во болниците, додека на 106 лица им била укажана помош на местото на протестите.
Покрај тоа, демонстрации во знак на солидарност со демонстрантите беа организирани во јужниот град Сидон и источниот регион Балбек.
Државната национална новинска агенција (NNA) објави дека тројца демонстранти кои блокирале пат во Балбек биле хоспитализирани поради сообраќајна несреќа.
Либанската Влада објави дека го продолжува полицискиот час на национално ниво до 8 февруари, како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.