Derya Gülnaz Özcan,Tevfik Durul
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
АТИНА (АА) - Лидерот на СИРИЗА, главната опозициска партија во Грција, Алексис Ципрас, критикувајќи ја надворешната политика на грчката Влада кон Украина, рече дека Турција станува сѐ посилна и е клучна геополитичка сила, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за еден локален телевизиски канал на Крит, Ципрас даде оценки за надворешната политика на Грција.
- „Турција станува посилна“ -
Ципрас, истакнувајќи дека не се точни тврдењата на грчката Влада и некои кругови во земјата дека „Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган се изолирани“, рече дека „Турција станува сѐ посилна. Се појавува како клучна геополитичка сила. Таа е важна регионална моќ.“
Ципрас, исто така, ја критикуваше грчката помош за оружје за Украина и рече дека не ја поддржува помошта во оружје за Украина, бидејќи тоа може да симболизира дека Грција е страна во конфликтот.
На прашањето да коментира за тоа што цивилното население во Мариупол е спасено со поддршка на Турција, Ципрас, потсетувајќи дека околу 140.000 украински граѓани со грчко потекло живеат во Мариупол, рече: „Не бевме успешни во создавање или давање можност да ги спасиме овие луѓе.“
Нагласувајќи дека сакаат моменталните спорови меѓу Турција и Грција да се решаваат врз основа на меѓународното право, Ципрас рече: „Затоа сакаме и можна апликација до Меѓународниот суд на правдата за определување на континенталниот гребен и ексклузивна економска зона.“
-„Ние сме во загуба во секој поглед“ -
Во врска со повлекувањето на поддршката на Соединетите Американски Држави (САД) од гасоводот „ИстМед“, Ципрас рече: „Оттука може да видам дека ние му даваме сѐ на Западот, а Турција добива сѐ. Всушност, крајниот резултат е тоа дека ние сме во загуба во секој поглед.“