Elena Teslova
23 Септември 2020•Ажурирај: 24 Септември 2020
МОСКВА (АА) - Александар Лукашенко денеска официјално положи заклетва за седми мандат како претседател на Белорусија, и покрај контроверзиите околу резултатите од минатомесечните избори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Церемонијата се одржа во Палатата на независноста во Минск“, се соопштува од прес-кабинетот на претседателот.
Откако Лукашенко ја положи заклетвата, држејќи ја раката на Уставот на земјата, Лидија Јермошина, претседателката на Централната изборна комисија на Белорусија, му го предаде претседателскиот сертификат.
По церемонијата Лукашенко изјави дека Белорусите не само што повторно го избрале нивниот претседател туку ги одбраниле и мирниот живот и суверенитетот на Белорусија.
„Ова е ден на прекрасна победа“, изјави тој.
Церемонијата, која што не беше најавена однапред, беше одржана со само неколку стотици гости, веројатно од безбедносни причини.
Свеченоста се одржа во екот на демонстрациите одржани против резултатите од претседателските избори одржани на 9 август.
Протестите избија откако Лукашенко, кој е претседател на земјата од 1994 година, беше прогласен за победник на изборите. Опозициските кандидати сепак ја обвинуваат администрацијата за местење на изборниот резултат.
НАТО и европските лидери го повикаа Лукашенко да започне дијалог со опозицијата и да ги почитува основните човекови права на граѓаните на Белорусија.