Mustafa Deveci
22 Јануари 2020•Ажурирај: 25 Јануари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон имаше жестока расправија со израелската полиција за време на посетата на црквата Света Ана, која се наоѓа во окупираниот Источен Ерусалим, и која се смета за француска територија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На видеозаписите објавени на социјалните мрежи може да се види и слушне како Макрон со прилично повисок тон на гласот бара од израелската полиција да ја напушти црквата, нагласувајќи дека „сите многу добро ги знаат правилата“.
„Тоа што го сторивте пред мене воопшто не ми се допадна. Излезете надвор“, рече Макрон видно вознемирен.
Исто така, на видеозаписот може да се слушне како францускиот претседател од израелските полицајци бара да ги почитуваат правилата.
„Постојат правила кои се почитуваат со векови и тие нема да бидат изменети поради мене“, порача Макрон.
Според известувањата на израелските медиуми, до напнатоста дошло откако израелската полиција, заедно со Макрон, сакала да влезе во црква што е прифатена како земја на Франција.
Францускиот претседател Макрон допатува во Израел за да присуствува на Светскиот форум на холокаустот и се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху.