Yusuf Özcan
30 Септември 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Емануел Макрон, ги повика Азербејџан и Ерменија на безусловен прекин на судирите во Нагорно Карабах и испрати порака на солидарност со Ерменија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Макрон, за време на официјалната посета на Латвија, одржа прес-конференција на која присуствуваше латвискиот премиер, Кришјанис Каринш.
Францускиот претседател ги повика Азербејџан и Ерменија на безусловен прекин на судирите во Нагорно Карабах и изјави дека за тоа разговарал со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.
„Кажано е дека Азербејџан врши напади. Сакав веднаш да се завршат овие напади. Иако нешто се случува на границата, остро ги осудив овие несразмерни напади. Од јули нешто се случува. Многу сум внимателен по тоа прашање. Кажано е дека нападите во неделата дошле од Азербејџан. Двете страни би требало да се придржуваат до примирјето“, изјави Макрон.
Тој додаде дека внимателно ги следи случувањата и дека за оваа тема ќе разговара со претседателот на САД, Доналд Трамп, и со претседателот на Русија, Владимир Путин.
„Забележав и политички изјави на Турција. Овие изјави се непромислени и опасни. Во последните часови пристигнаа воени пораки на Турција и тоа се пораки со повторно освојување на Нагорно Карабах од страна на Азербејџан. Тоа не можеме да го прифатиме“, изјави Макрон.
Тој рече дека е потребно да се почитува суверенитетот на Ерменија и нејзиниот народ и додаде дека нема да прифати ниту една изјава што ќе доведе до зголемување на тензиите.