Gamze Türkoğlu Oğuz
08 Февруари 2018•Ажурирај: 09 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Малолетните жртви сведочеа за насилството што го преживеаја за време на принудната мобилизација која терористите на ПЈД/ПКК ја вршат над населението во подрачјето на Африн, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските вооружени сили и Слободната сириска војска ја спроведуваат операцијата „Маслинова гранка“ со цел неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во пограничното подрачје на Африн, а терористите на боиште принудно ги носат жителите, кои се најчесто малолетници.
Во интервју за телевизијата „TRT Kurdi“, десетгодишно момче од регионот на Африн изјави дека терористите на ПЈД/ПКК ги принудиле него и неговите врсници од соседството да потпишат некои документи и ги однеле на 12-дневна обука во кампот, а на крајот биле одведени на првите борбени линии.
Неименуваното момче изјави дека заедно со пријателот Бешир успеале да побегнат од кампот.
Друго неименувано момче, кое е, исто така, жртва на принудното носење на малолетниците на борбените линии од ПЈД/ПКК, изјави дека неговиот татко се судрил со терористите, но дека не успеал да го спречи неговото носење во кампот, од кој дополнително успеал да побегне.
„ПЈД/ПКК мора да го напуштат Африн. Народот страда“, изјави соговорникот.
И момчето Орик сведочеше дека терористите на ПЈД/ПКК го киднапирале додека сакал да оди за Турција, да ја посети сестра му за време на минатиот Бајрам, и во вреќа го довеле на боиште.
„ПКК им прави зло на сите. Ги тепаат луѓето и принудно нè вооружуваат и носат на борбените линии. Не одевме по своја волја. Јасно е кој оди во војна доброволно“, изјави 15-годишниот Орик.
Истакнувајќи дека со сила е турнат во војна за која ништо не знае, Орик изјави дека терористите на ПЈД/ПКК не дозволуваат практикување на верата на муслиманите и дека ги тепаат оние коишто одат во џамии.
Тој изјави дека се надева дека ова зло брзо ќе биде завршено и дека терористичката организација ПКК, која дејствува во четири земји, ќе доживее целосен пораз.
За „TRT Kurdi“ зборуваше уште еден малолетник кој успеал да побегне на слобода откако терористите на ПЈД/ПКК го пресретнале на патот и го киднапирале.
„Терористите на боиште носат голем број деца. Народот од овој регион треба да живее во мир и братство. Јас немам никакви проблеми со соседите Арапи, Турци или христијани“, вели малолетниот сведок.
И 18-годишното момче од селото Оксузлер, кај Африн, изјави дека терористите на ПЈД/ПКК го вооружиле под плаштот на задолжителното служење на воениот рок.
Истакнувајќи дека претходно останал без татко и дека морал да се грижи за семејството, соговорникот изјави дека се спротиставувал на заминувањето во редовите на ПЈД/ПКК, но терористите му се заканиле дека ќе ги киднапираат неговите помлад брат, сестра и мајка.