Beril Çanakcı
20 Февруари 2025•Ажурирај: 21 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изрази доверба во способноста на нејзината влада да се справи со заканите од американскиот претседател Доналд Трамп, кои вклучуваат можни масовни депортации, зголемени трговски тарифи и воена интервенција против наркокартелите, пренесуваат локалните медиуми, јавува Анадолу.
На прес-конференција вчера, Шејнбаум изјави дека не се плаши од реториката на Трамп и нагласи дека ја има поддршката на мексиканскиот народ, објави „Мексико њуз дејли“.
„Ја имам поддршката на народот. Кога човек има сигурност и убедување и знае кои му се принципите, зошто некој би се плашел?“, рече таа, одговарајќи на прашањето за заканите од Трамп.
Таа исто така потенцираше дека меѓу двете земји има постојан дијалог, со што се намалуваат стравувањата од предложените мерки на Трамп.
Таа ги даде овие изјави откако Трамп ги нарече мексиканските наркокартели терористички организации и ја критикуваше мексиканската власт поради дозволување на нелегалната миграција.
Според соопштението на американскиот Стејт департмент објавено вчера, САД официјално прогласија неколку криминални организации, меѓу кои „Трен де Арагуа“, MС-13, картелот „Синалоа“ и картелот „Џалиско нова генерација“ за странски терористички организации.
Шејнбаум, исто така, се осврна на неодамнешните летања на американски беспилотни летала над Мексико, кои имаат цел следење на наркокартелите и пронаоѓање лаборатории за фентанил.
Таа објасни дека овие активности се дел од долгогодишната соработка меѓу двете држави:
„Пред сè, нема ништо нелегално. Она што постои е соработка и партнерство што траат со години; тоа не е нешто ново“, изјави претседателката на Мексико.