Seyit Ahmet Aytaç
29 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
БЕРЛИН (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, соопштено е доцна синоќа од нејзиниот Кабинет, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Двајцата лидери разговараа за неодамнешните меѓународни настани, особено во Сирија и Украина. Меркел и Путин се фокусираа на работата на Турција, Русија и Иран, земјите кои се гаранти на мировниот процес во Астана, формирањето на листата на членови за сирискиот Уставен одбор и на одлуката на Соединетите Американски Држави за повлекување на нивните трупи од Сирија“, рече Улрике Демер, портпаролка на Владата на Германија.
Демер додаде дека Меркел, исто така, го поздрави примирјето во подрачјето на судири на истокот на Украина кое би требало да започне во 12:01 часот на 29 декември.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изненади со објавата дека од Сирија ќе ги повлече трупите од САД. Неговата одлука следуваше по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во текот на кој двајцата лидери се согласија за потребата за ефикасна координација во земјата која е погодена со граѓанска војна.
Русија и Украина се во судир од 2014 година, кога Москва го анексираше Крим по контроверзниот референдум. Генералното собрание на ОН, како и Турција, анексијата ја оценија за нелегална. Украина, исто така ја обвинува Русија за сепаратистичко насилство на истокот на земјата во близина на руската граница.