Aysu Biçer
26 Јануари 2024•Ажурирај: 28 Јануари 2024
ЛОНДОН (АА) - Членовите на глобалниот извршен одбор на Меѓународниот институт за печат (ИПИ), вклучително и лауреатката на Нобеловата награда за мир, Марија Реса, го повикаа Израел да престане со убиствата на новинарите во Газа во услови на тековен конфликт, пренесува Анадолу.
Во заедничкото соопштение извршниот одбор, составен од водечки уредници, новинари и издавачи од 20 земји во светот, го осуди немилосрдното таргетирање на новинарите, нагласувајќи ја итната потреба Израел да ги почитува правилата на војната и да обезбеди заштита на цивилите и медиумските работници.
„Овој напад без преседан врз безбедноста на новинарите и слободата на печатот не може да се толерира“, се вели во соопштението.
„Најмалку 80 новинари се убиени во Газа и во Јужен Либан од октомври, што претставува најголем број новинарски жртви во зона на конфликт од основањето на ИПИ во 1950 година“, се додава во ова соопштение.
Во соопштението се нагласува императивот Израел да се придржува кон меѓународните закони што ги регулираат вооружените конфликти, кои наложуваат заштита на новинарите и цивилите.
Институтот повикува на транспарентна и веродостојна истрага за сите случаи на убиства на новинари од страна на израелските сили, истакнувајќи дека таргетирањето на новинарите претставува воено злосторство.
„Го креваме нашиот колективен глас за да протестираме за оваа неподнослива загуба на животи и да бараме итен прекин на бомбардирањето на новинарите“, се додава во соопштението.
Покрај тоа, ИПИ го повика Израел да им дозволи на меѓународните новинари пристап до Газа за да известуваат слободно и независно за ситуацијата во регионот.
Израел започна смртоносна офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади убиени се околу 26.000 Палестинци, а повредени се 63.740 лица. Се верува дека во Израел загинале речиси 1.200 лица.
Според Обединетите нации, војната во Израел остави 85 отсто од населението на Газа внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а повеќе од половина од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.