ТЕЛ АВИВ
Израелецот Мико Пелед, мировен активист и писател, син на израелски генерал, остро го критикуваше планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, напоменувајќи дека сега е веќе потполно јасно дека е потребно да се понуди алтернативен план кој би гарантирал вистинско решение за отстранување на долгогодишната колонизација на Палестина.
„Според некој нов план, Палестина од држава на апартхејд би станала вистинска демократска земја, а во рамките на тоа би било потребно да се овозможи и правото за враќање на Палестинците“, кажа Пелед во разговор со новинарот на Агенција Анадолија (АА), додавајќи дека секој мировен план би требало да вклучува целосно и недвосмислено отфрлање на ционизмот.
„Ционизмот е расистичка идеологија која произведува опасен, насилен и расистички режим. Како и фашизмот и апартхејдот пред него, и ционизмот мора да биде отфрлен, јасно и недвосмислено“, рече Пелед, напоменувајќи дека мирот меѓу Палестинците и Израелците не може да биде воспоставен сѐ додека постои ционизам.
Тој истакна дека израелските политичари сакаат со демографски инженеринг да го заокружат и да воспостават етнички чиста држава Израел без присуство на Палестинците и другите заедници.
„Како што тврди активистката и писателка Орли Ној, демографскиот инженеринг се темели на ционизам од првите денови на формирањето на Израел. Исто така, ционизмот не е во состојба да ја прифати основната идеја за доделување државјанство на Палестинците“, рече Пелед.
- Во САД ционизмот го сметаат за нешто херојско
Пелед нагласи дека одредени јавни компании во САД успеале оваа расистичка идеологија да ја прикажат како нешто херојско, па дури и романтично.
„Оваа кампања на ционизмот му осигура голема поддршка и почитување во САД. Истовремено, Палестинците и нивните лидери се обележани како терористи, освен ако не се согласат да престанат да се борат за своите права и на тој начин потполно да капитулираат пред своите колонизатори“, изјави Пелед.
Тој потсети дека во планот на Трамп јасно се наведува дека државата Израел секогаш била добар чувар на Ерусалим (Кудс).
„Меѓутоа, историско гледано, Евреите не го контролираа Ерусалим (Кудс) подолг период, бидејќи некои други даваа многу поголем придонес за развојот на градот. Баш се прашувам, како тоа Израел бил добар чувар на Ерусалим (Кудс)? Градот денес е поделен, а различни заедници, дури и еврејски, непријателски се однесуваат едни кон други“, рече Пелед.
- Ерусалим со децении е изложен на кампања за етничко чистење
Пелед истакна дека Ерусалим (Кудс) веќе со децении е изложен на злобна и систематска кампања за етничко чистење.
„Цели палестински квартови останаа без своите жители и потоа се срамнети со земја. Автохтоното население на градот, вклучувајќи ги тука Палестинците и малцинството кое го сочинуваат ултраортодоксните Евреи, се обесправени, сиромашни и во голема мера дискриминирани. На милиони Палестинци кои сакаат да се молат во Ерусалим (Кудс), дури им е забрането и да влезат во градот, а оние што ќе влезат, изложени се на понижувачки мерки под маската на безбедноста“, рече овој израелски писател и активист.
Тој објасни дека Газа во минатото, низ историјата била развиен град, познат и како центар на трговијата и образованието.
„Значителни придвижувања за луѓето во Газа сепак нема да се случат сѐ додека не дојде до примирје со Израел, потполна демилитаризација на Газа и воведување систем на управување кој на меѓународната заедница ќе ѝ овозможи сигурно и безбедно да вложува средства и проекти кои нема да бидат уништени со нови судири. Меѓутоа, Израел Газа ја претвори во нешто налик затвор на отворено и условите во тој затвор од ден на ден се сѐ потешки. Палестинците во Појасот Газа се изложени на постепено и болно умирање на различни начини, вклучувајќи недостиг на вода, храна и лекови“, рече Пелед.
Тој нагласи дека со планот на Трамп за Блискиот Исток на Евреите се сака да им се овозможи во потполност да се ослободат од Палестинците кои во моментов живеат во одредени места во Израел.
„Планот на Трамп вклучува и застрашувачки сегмент за иднината на израелските Палестинци. Ционистичката власт и милиција во 1948 година воопшто немаа никаква намера Палестина да остане на подрачјето на Израел. Со години Израел во неколку наврати се обиде да ги протера, со масакрите како оној во Кафр Касим, со застрашувања и дискриминаторски закони, но со мал успех. Она што некогаш беше идеја што ја искажуваа само најекстремните десничарски ционисти, т.е. дека е потребно Израел да се ослободи од сите палестински граѓани, сега е дел од планот што го предложи Трамп“, посочи Пелед.
- Овозможување на палестинските бегалци да се вратат во својата земја
Според негово мислење, каков било мировен договор меѓу Палестина и Израел би требало на палестинските бегалци да им овозможи враќање во нивната земја.
„Пет милиони Палестинци денес страдаат во нехумани услови во и околу Палестина само затоа што Израел не им дозволува да се вратат во нивната земја. Она што мора да биде апсолутно и недвосмислено јасно е дека Израел е одговорен за предизвикување бегалски проблеми, и според тоа би морал да дозволи, па дури и да плати за решавање на ова прашање“, рече Пелед.
Тој истакна дека на Палестинците не им се потребни никакви упатства и заштита од претседателот Трамп кој мировните иницијативи само ги користи за предизборна намена.
„Дури, Палестинците имаат една од највисоките стапки на писменост во светот. Израел и САД не се тие кои би им држеле предавања. Тоа се две влади кои ги карактеризираат расизмот и насилството. Времето ќе покаже како нивните последни иницијативи ќе влијаат на изборната кампања на Бенјамин Нетанјаху и Доналд Трамп. Она што е јасно е дека реалноста нема значително да се подобри за Палестинците сѐ додека цинизмот не биде јасно осуден, додека не се воспостави мапа на патот за воспоставување демократска и слободна држава Палестина и додека на палестинските бегалци не им се дозволи враќање во нивните домови“, смета Пелед, повторувајќи дека мора да се запре секој облик на колонизација на Палестина.
Мико Пелед во своите јавни настапи отворено се противи на израелските масакри над Палестинците, тврдејќи дека она што го прави израелската војска во Газа слободно може да се нарече „геноцид“.
Тој е роден во Ерусалим (Кудс), 1961 година, во познато ционистичко семество. Неговиот татко Мати Пелед бил помлад офицер во војната во 1948 година, како и генерал во шестдневната војна во 1967 година, кога Израел ги окупира Западниот Брег, Газа, Голанската Висорамнина и Синај.
Автор е на книгата „Синот на генералот“, во која го изложува сопственото искуство и зборува за делата што ги сторил неговиот татко. Во книгата јасно напиша: „Израел е расистичка држава, која нема светла иднина без искрен однос кон Палестинците.“