Ekipa
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
ИДЛИБ (АА) - Децата во Сирија, земјата во која седма година по ред има војна, се лишени од основните права, вклучувајќи ги и правата за заштита од насилство, опстанок (храна, домување, здравство), но исто така и образование, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот ден на детските права се одбележува низ целиот свет на 20. ноември.
Децата во Сирија речиси и не знаат како е да се има безбеден дом, неколку оброци дневно и како е да се оди на училиште.
Последиците од судирите во Сирија од 2011 година наваму најмногу ги чувствуваат децата, покажуваат извештаите на Меѓународната асоцијација за правата на бегалците. Голем дел од нив го напуштаат училиштето за да помогнат во прехранувањето на своите семејства.
Потпретседателот на Здружението, Ресул Демир, за АА изјави дека од војната најмногу се погодени децата.
„Тие воедно се и најслабите суштества на светот и им треба најголема заштита. Со меѓународните закони се дефинирани детските права. Меѓутоа, во изминатите шест години видовме дека кога станува збор за сириските деца, целото човештво заедно со меѓународните закони потфрлија“, рече Демир.
Тој додаде дека извештајот на УНИЦЕФ,објавен во септември 2017 година, покажува дека последиците од судирите во Сирија ги почувствувале 8,5 милиони деца.
„Над шест милиони се наоѓаат во Сирија, додека околу 2,5 милиони деца се надвор од границите“, објасни Демир.
Тој, исто така, истакна дека два милиони деца во таа земја не одат на училиште.
Мухамед Омер Селум веќе шест години не знае каде е неговиот татко.
„Мојот татко го уапсија војниците на режимот на Асад пред шест години. Оттогаш не знаеме каде е“, рече Селум, кој живее во бегалски камп во Идлиб.
Тој раскажа дека би сакал да живее во куќа со ѕидови, наместо во шатор.
„Би сакал да имаме парк каде што ќе можам да си играм со мојот брат и сестра, да имам болница во која можам да се лекувам кога сум болен. Мојата единствена желба е да имам нормален живот како другите деца ширум светот“, додаде тој.
Шахуд Дерма (13) веќе подолго време не одел на училиште и работи за да го прехрани своето семејство. Тој рече дека неговото семејство е бројно и мора да работи за да му помогне на својот татко.
Прстите на раката ги изгубил во напад на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, но и покрај тоа, тој продава гориво и на тој начин придонесува за домашниот буџет.
„Пред да почнам да работам, бев четврто одделение. Би сакал нашата материјална состојба да се подобри и да одам на училиште“, рече Дерма.
Во воздушниот напад во Сирија беше повредено и девојчето Емел ел-Гафир.
„Бев со семејството на излет кога силите на Асад го изведоа нападот. Потоа ја изгубив левата нога. Подоцна почнав да одам со протеза“, рече таа.
Таа додаде дека сака децата од целиот свет да бидат секогаш среќни и ниедно дете да не тагува.