Fuat Kabakcı
21 Септември 2022•Ажурирај: 22 Септември 2022
АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, во рамките на неговите контакти во Њујорк, САД, се сретна со своите колеги Шпанецот Хозе Мануел Албарес Буено, Германката Аналена Баербок, Индиецот Субрахманјам Џаишанкар и Мигел Моратинос, висок претставник на Алијансата на цивилизациите при Обединетите нации (UNAOC), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Чавушоглу, на својот твитер-профил во врска со неговите средби во рамките на 77. Генерално собрание на ОН во Њујорк напиша:
„Со шпанскиот министер за надворешни работи, со кого се сретнавме на маргините на 77. Генерално собрание на ОН, разговаравме за проширувањето на НАТО и за најновите случувања во Украина, вклучително и за извозот на жито. Со германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, разговаравме за прашањето за визите, за проблемите на Егејот и за најновите случувања во Украина.“
Наведувајќи дека со високиот претставник Моратинос и шпанскиот министер Буено разговарале и за тоа како да се зајакне Алијансата на цивилизациите, Чавушоглу додаде дека со индискиот министер за надворешни работи, Џаишанкар, разговарале за чекорите што може да се преземат за понатамошен развој на односите меѓу Туркије и Индија.