Selen Temizer
08 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, изјави дека одлуката што треба да се донесе со едногласно гласање на министрите за внатрешни работи ќе го отвори патот за вклучување на Хрватска во Шенген-зоната, додека може да биде одбиена поради „политички причини“ за Бугарија и Романија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ се собраа во Брисел за да учествуваат на состанок на Советот за правда и внатрешни работи кој е последниот состанок во 2022 година и последниот состанок под претседавањето на Чешка.
Шинас на почетокот на средбата даде изјави за новинарите, во која рече дека министрите ќе разговараат за вклучување на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген.
„Комисијата изрази мислење дека сите три земји се технички подготвени за тоа. Некои преостанати двоумења се политички“, рече Шинас.
Тој истакна дека е сигурен оти министрите ќе дадат зелено светло за Хрватска, изразувајќи надеж дека разговорите ќе бидат позитивни и за другите две земји.
- Вклучување на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген
Австрија се противи Бугарија и Романија да бидат вклучени во Шенген-зоната, која е зона за безвизно патување во Европа. Додека Холандија, пак, не сака вклучување во Шенген само за Бугарија.
Загриженоста поврзана со корупцијата, граничните контроли и владеењето на правото се наведуваат како причини во оваа насока за двете земји.
За вклучување на Бугарија и Романија ќе се гласа заедно, додека за Хрватска ќе се гласа посебно.
Исто така, за проширување на Шенген-зоната е потребно едногласно гласање на секоја земја членка.
Шенген-зоната се состои од 26 европски земји. Граѓаните на повеќе од 60 земји можат да патуваат без визи во земјите од Шенген-зоната. Во меѓувреме, визата е потребна за граѓани од повеќе од 100 земји.